Технолошкиот гигант Meta прифати спогодба и се согласи да плати 725 милиони долари за да стави крај на судскиот спор за скандалот со Кембриџ Аналитика, во кој Meta беше обвинета дека незаконски споделувала кориснички податоци со именуваната консултантска компанија.
Случајот стана актуелен во 2018 година кога беше откриено дека Кембриџ Аналитика платила на развивач на апликации за социјалната мрежа Фејсбук да пристапи до личните податоци на околу 87 милиони корисници на платформата, за потоа да може да ги искористи за таргетирање на американските гласачи за време на претседателските избори во 2016 година.
По објавувањето на скандалот, беше поднесена колективна тужба на корисници на Фејсбук против компанијата, чии податоци биле наводно незаконски споделени со третата страна. Целиот скандал доведе и до јавно сослушување на извршниот директор на Meta, Марк Зукерберг, во американскиот Конгрес.
После повеќегодишна истрага и судење, минатата недела беше конечно објавено дека Meta се спогодила со тужителите и ќе плати вкупно 725 милиони долари за отштета на корисниците и за покривање на судските трошоци и хонорарите на адвокатите.
За да стане полноправна, спогодбата сé уште треба да биде одобрена од федералниот суд во Сан Франциско, на сослушување закажано за март следната година.