Мајкл Рот се пензионираше од адвертајзингот и од функцијата извршен претседател на агенциската групација Interpublic Group, една година откако му ги предаде одговорностите на главен извршен директор на Филип Краковски. Мајкл Рот овој месец навршува 76 години.
Пред да се приклучи на Interpublic Group во 2002 година, Мајкл Рот беше адвокат за даноци и генерален извршен директор на осигурителната компанија Mony Group. Тој се приклучи на бордот на Interpublic како независен директор, а во 2004 година стана и претседател на групацијата. Следната година ја презеде и функцијата на генерален извршен директор.
Според извори блиски на компанијата, Рот планирал да се повлече од позицијата на извршен директор на Interpublic штом новиот генерален извршен директор би се вклопил во улогата и штом бордот на директори би сметале дека е погодно време за негово пензионирање.
Рот ја остава Interpublic Group како четврта највредна агенциска групација во светот, но со најголем раст за време на пандемијата.
„Моето време како претседател и генерален извршен директор на IPG беше огромна привилегија. Најмногу сум горд на работата што ја направивме за да помогнеме да се насочи светлото кон еднаквоста и инклузивноста, како и да бидеме компанија водена од вредности и цели“, посочува Рот.