Компанијата за анализа на компјутерски криминал „Check Point Research“ објави листа на брендови кои хакерите најмногу ги имитираат за да ги измамат корисниците да им ги дадат нивните лични податоци или детали за средствата за плаќање.
Во кварталниот извештај за фишинг на аналитичката компанија, во периодот јуни-јули-август 2020 година, Мајкрософт беше брендот што сајбер криминалците најмногу го користеа. Мајкрософт се искачи од петтото место во второто тромесечие на првото место во третото тромесечие. Овој бренд беше користен во 19% од сите глобални фишинг напади во споменатиот период (во споредба со 7% од вториот квартал).
После Microsoft, следуваат DHL и Google, а двата бренда учествуваат со по 9% во фишинг нападите на глобално ниво во текот на третиот квартал. На врвот се наоѓаат и PayPal, Netflix, Facebook, Apple, WhatsApp, Amazon и Instagram.
Во овој период, е-меилот бил преферирано средство за напад со 44% од сите фишинг напади, а потоа следи веб-фишингот (43%). Брендовите кои најмногу се користат за време на фишинг нападите по е-меил се Microsoft, DHL и Apple, додека за веб-фишинг најчесто користени се Microsoft, Google и PayPal.