Емотиконите се суштествен дел на современата секојдневна комуникација. Токму поради тоа, технолошкиот гигант Microsoft минатата година ја преработи цела своја палета на емотикони со цел да го направи овој иконичен јазик да биде пошарен. Сега, повеќето од тие дизајни стануваат “open source” односно достапни за бесплатно адаптирање и користење по волја на креативците.
Библиотеката на емотикони на Microsoft ќе биде достапна преку девелоперските платформи Figma и Github, од кои втората беше купена од Microsoft во 2018 година.
Со овој потег, вкупно 1,538 емотикони од палетата на Microsoft ќе бидат достапни на сите, овозможувајќи им на креативците да ги реупотребуваат, менуваат и адаптираат, со цел емотиконите посеопфатно да ѝ служат на заедницата која има потреба од нив. Како главна мотивација позади потегот на компанијата се наведува инклузивноста.
“Култура, религија, сексуална ориентација, политика, храна – никој не ги знае вашите контексти и реалности подобро од вас самите, а имајќи во предвид колку емотиконите се важни во сферата на дигиталното изразување, ние сакавме да направиме тие да бидат широко достапни за употреба” – истакнува Џон Фридман, раководител на Microsoft Office Design.
Единствените емотикони кои нема да бидат достапни на широката публика се оние кои се предмет на трговска марка и правна заштита, како државни знамиња и ликови од видео игри. Останатите емотикони ќе бидат достапни во SVG, PNG и JPG, во вектор, рамни и монохромни формати.