По 16 години во компанијата и 7 години како генерален бренд директор, Кетлин Хол најави заминување од технолошкиот гигант Microsoft. Нејзиното заминување доаѓа во време кога компанијата прави пошироки организациски промени и се стреми да ги намали своите трошоци за огласување.
„После 16 години во Microsoft, решив да се вратам во Њујорк и да одморам малку пред мојата следна авантура. Ова беше одлично патешествие и јас сум многу благодарна за моето време поминато таму, мојот тим и сето она што го постигнавме заедно“ – напиша Кетлин Хол на LinkedIn.
Како дел од новите организациски промени, Microsoft најави спојување на своите глобални операции на полето на креативноста, огласувањето и брендингот со одделот за потрошувачки маркетинг. Компанијата исто така го спојува својот тим за истражувања и увиди со одделот за монетизација и деловно планирање.
Брајсон Гордон се приклучи на компанијата како корпоративен потпретседател за глобални медиуми, стратешки партнерства и агенциски менаџмент. Исто така, Microsoft ја ангажираше Алиса Шутер, која ќе ги води настаните и креативните искуствени активности на компанијата. Промените стапуваат на сила од 1 јули оваа година.
Microsoft ја заврши минатата фискална година со инвестиции за огласување во вредност од „само“ 904 милиони долари, што претставува пад од дури 40% во однос на годината претходно.