Технолошкиот гигант Microsoft во текот на минатите две недели отпушти повеќе десетици новинари и уредници ширум светот кои селектираа и пишуваа содржини за MSN.com, прелистувачот Edge и различните мобилни апликации во состав на Microsoft News. Отпуштените новинари ќе бидат заменети со поголема примена на вештачката интелигенција во селектирањето и презентирањето на вести.
„Како и сите компании, ние правиме постојана реевалуација на нашиот бизнис. Тоа може да резултира со поголеми инвестиции во одредени места и, од време на време, прераспоредување во други,“ стои во соопштението на Microsoft, додавајќи дека отпуштањето не е резултат на моменталната пандемија.
Microsoft веќе подолго време се движи во насока на поголема примена на вештачката интелигенција во работата на Microsoft News, истовремено охрабрувајќи ги останатите издавачи и новински агенции да го сторат истото. Microsoft досега ја употребуваше вештачката интелигенција да пребарува за новински содржини и потоа да ги процесира и филтрира, како и да им предлага на човечките новинари кои фотографии би биле соодветни за одредена статија.