Јужнокорејскиот технолошки гигант Samsung Electronics заедно со кретивните агенции BMB и Cheil Worldwide ги слават полуспроводниците – наноскопските херои на технолошкиот напредок, со нов филм кој содржи специјално создадени модели кои се толку мали што може да се снимат само со помош на електронски микроскоп.
Целта била да се претстави моќта на минијатурните полуспроводници – кои, иако наноскопски во размер, имаат огромно влијание кога се применуваат во широкиот спектар на технолошки апликации – некои секојдневни, други исклучителни.
Па така, за кампањата се создадени уникатни минијатурни модели, односно фигурини кои што ги слават различните технолошки достигнувања овозможени од полуспроводниците. Моделите вклучуваат жена која држи паметен телефон, автомобил, вселенска ракета и сателит – сите во микроскопски размер.
Предизвикот не се состоел само во тоа како да се изработат моделите, туку и како да се снимаат бидејќи тие се толку мали што било невозможно да се користи традиционална камера. Моделот на сателитот, на пример, бил 22.000 пати помал од вистинскиот сателит, со детали помали од ширината на човечко влакно.
Одговорот лежи во најсовременото 3D нанопечатење и во соработката со фотографот и микроскопист Стефан Дилер, кој има поминато повеќе од десет години во развивањето на системот наречен nanoflight®, кој овозможува снимање на микроскопски светови со динамични движења на камерата.
Првиот чекор на тимот бил изработка на моделите. Ова вклучувало скенирање на поголеми модели и актери во специфични пози, а потоа од скенирањата биле продуцирани 3D рендери. За печатење на моделите, тимот користел форма на печатење што овозможува наноскопски детали.
Процесот на печатење, наречен Двофотонска нанолитографија, вклучува насочување на контролиран ласер во поличувствителна смола, предизвикувајќи таа да се полимеризира и да формира цврст микроскопски објект – овозможувајќи го создавањето на неверојатни мали детали.
Минијатурните модели потоа биле снимени со помош на електронски микроскоп, кој наместо светлина користи фокусен зрак на електрони што се рефлектира од површините на моделот, скенирајќи и доловувајќи ги деталите на секој модел со динамични движења.
Крајниот резултат е „Микро чуда“ – револуционерен филм од 60 секунди кој сам по себе претставува микро чудо. Погледнете: