Акцијата „Молчењето не е решение“ има за цел да го подигне нивото на свеста за семејното насилство во време на кризи, епидемии и пандемии.
„Најчести жртви на овој тип насилство се жените и децата. Многумина притиснати од кризата, секојдневната пресија и проблеми, својот бес и лутината ги истураат на своите најблиски, односно на членовите на семејството. Иако Македонија има систем и институции кои успешно се справуваат со овој тип на проблеми, жртвите на семејно насилство најчесто одбираат да молчат, односно молчат додека не стане предоцна.
Идејата на оваа акција е од една страна да се охрабрат жртвите да проговорат и да побараат помош, но од друга страна главна цел на акцијата е повеќе да се охрабрат сведоците на ваквите состојби да реагираат наместо да игнорираат и да ја забиваат главата во песок под превезот дека тоа не е нивна работа“, се вели во појаснувањето на акцијата.
Според сите светски истражувања најдобрата метода за сузбивање на семејното насилство е раната детекција и навременото реагирање. Токму затоа акцијата е поставена во градскиот парк каде што секојднево проаѓаат бројни функционални семејства во кои нема семејно насилство, но голем дел од нив се сведоци на овој тип насилство, а никогаш не реагирале .