Црниот балсам од Рига (Riga Black Balsam) претставува тип на хербален алкохолен пијалак, сличен на Јегермајстер, кој се смета за национален пијалак на Латвија. Рецептот за пијалакот бил осмислен во далечната 1752 година од аптекарот Абрахам Кунзе во главниот латвиски град Рига. Според традицијата, точниот рецепт за пијалакот во секое време го знаат само главниот „мајстор“ и два негови избрани помошници.
Според ова, можете да замислите колку брендот на овој пијалак е вкоренет во традицијата и славното минато на Латвија. Меѓутоа, компанијата-производител Latvijas Balzams реши дека е време да ја насочи таа традиција кон иднината и да ја спои со денешната младешка култура.
Со таа цел, компанијата во текот на минатата година го лансираше брендот BLACK 1752, позициониран како алкохолен пијалак за забава, консумиран преку мали „шотови“. Со цел промоција на новиот бренд беше лансирана и кампањата „Long Story Shot“ („Долга приказна шот“), која претставува спој на волшебна приказна и разиграна забава во ноќен клуб.
Имено, главниот спот на кампањата почнува со сцена во магична шума каде гледаме мистериозна жена во наметка. Таа претставува спој на фантастичното и реалното, изразено преку нејзината комбинација на анимирани и физички елементи. Мистериозната фигура потоа се симнува во градот и евентуално влегува во ноќен клуб. Таа со голема самодоверба се движи кон центарот на сцената и се качува на позицијата на диск-џокеј. Забавата може да почне, а BLACK 1752 да се точи!
Во суштина, мистериозната жена претставува персонификација на пијалакот, кој како и неа потекнува од природата, но внесува нова живост и енергија во ноќниот живот на градот.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција MAGIC.