Како што се менуваат годишните времиња и есенските патувања сега се во фокусот, туристичкото биро на Ирска го промовира Хеловин т.е. „Ноќта на вештерките“ како иконична причина за посета на островот оваа есен.
Кампањата беше лансирана минатата недела за навремено да допре до потенцијалните посетители пред да го резервираат својот престој за есенските празници. Хеловин е омилен календарски момент во многу земји низ светот, но не секој знае дека неговото потекло води до островот Ирска пред околу 2.000 години – во древната келтска култура (барем така викаат Ирците).
Промотивните активности стартуваа со објавата на едноминутен видеоспот во монохроматски стил, кој што треба да предизвика чувство на мистичност, длабока историја и посебност и да ја прикаже Ирска на начин што целосно ја издвојува од другите дестинации. Во спотот се претставени епски пејсажи и сцени кои ја илустрираат древната култура на Ирска, вклучувајќи снимки од повеќе културни знаменитости стари со илијадници години. На самиот крај, спотот преминува во живописни бои кои ја илустрираат модерноста и современите празнични свечености.
Кампањата ќе се реализира на повеќе од десетина клучни светски пазари, вклучувајќи ги Британија, САД, Канада, Австралија, Германија, Франција, Шпанија, Италија, Холандија, Австрија, Швајцарија и скандинавските земји. Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција Publicis London.