Менаџмент консултантите во земјата се квалитетни професионалци кои можат да помогнат на јавните институции, компаниите и граѓанските организации потврди денешната тркалезна маса „Менаџмент консалтинг – Вчера. Денес. Утре“. Организирана по повод 25-годишнината од основањето на Менаџмент консалтинг асоцијација (МКА) 2000, настанот, кој се одржа во Скопје, испрати силна порака за значењето на експертизата, партнерствата и одговорноста во развојот на современото општество.
Глигор Михаиловски, претседател на МКА 2000 истакна дека 25 години е значајно достигнување кое е резултат на упорна работа, посветеност и иновативен дух на менаџмент консултант(к)ите во мрежата, но и од задоволството на клиентите.
„Клучни постигнувања се стабилно членство, проширување на истото со консултантски организации, редовна комуникација и споделување на можности за консултантите, редовни месечни состаноци, стратешки настани и партнерства, зајакнување на промоцијата на CMC сертифициран менаџмент консултант. Истовремено, зголемување на родовата еднаквост во управните органи и обнова на извршната канцеларија. Но ние не застануваме овде, нашата цел и во иднина да ги водиме клиентите низ сложеноста на деловното планирање, обезбедувајќи им ја експертизата и поддршката што им се потребни за да напредуваат. Нашата посветеност кон професионалност, стандарди со цел постигнување конкретни резултати за нашите клиенти е посилна од кога било,“ рече Михаиловски.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев ја нагласи значајната улога на професионалните консултанти во унапредување на квалитетот на јавните политики и управување со реформите, потенцирајќи дека вистинските реформи не се спроведуваат со декларации, туку со знаење, со поддршка од експерти и со градење систем кој се темели на професионализам, а не на политика. Притоа, тој ги најави и идните активности на министерството за јавна администрација.
„Ревидирање на Стратегијата за јавна администрација со фокус на отчетност, дигитализација и професионално управување со човечки ресурси, усогласување на стандардите за јавни набавки на консултантски услуги, каде CMC сертификацијата ќе биде признаена како гаранција за квалитет, примена на алатки за самопроценка како CAF за надворешна евалуација на институциите, како и вклучување на теренски експерти во развој на стратешки документи и апликации за фондови“, рече министерот Минчев и порача дека верува и се залага за институции што се отпорни на клиентелизам и нефункционалност, а соработката со професионалци како менаџмент консултантите, кои работат без политичка агенда, е клучна за јавна администрација што ќе служи на граѓаните, а не на партиите.
Штефен Худолин, шеф на одделот за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, во своето обраќање истакна дека новиот План за раст на Европската Унија за Западен Балкан, воведува значајна промена во финансиската поддршка од страна на ЕУ – од поддршка заснована на проекти кон исплати врз основа на постигнати резултати, поврзани со конкретни реформи.
„Амбицијата на Планот е забрзување на економското поврзување на земјите од регионот со ЕУ, преку обезбедување на 6 милијарди евра во грантови и заеми во текот на четири години 2024-2027, под услов за спроведување на клучни реформи во областите добро владеење и управување, владеењето на правото, зелената и дигиталната транзиција, како и деловното опкружување. Тој истакна дека ова ќе доведе до зголемена отчетност во спроведувањето на реформите, кој треба да е процес заснован на точни критериуми и стандарди. ЕУ е посветена на поддршката на регионот, но владите мора да испорачаат – не на хартија, туку преку вистински промени за своите граѓани“.
Обраќајки се пред консултантската заедница, г-динот Худолин ги повика активно да се вклучат во поддршка на спроведување на реформите, техничкото усогласување и јакнење на институциите, затоа што, како што рече тој, менаџмент консултантите се клучен партнер во реализацијата на овие реформи.
Гергана Мантаркова, директорка на Бордот на Меѓународниот совет на менаџмент консалтинг институти и Претседавач со БАМКО (Бугарија) изрази задоволство за можноста да ја поддржи МКА 2000 уште од нејзините почетоци, кога во 2003 година е започната традицијата на издавање на првите сертификати за Certified Management Consultant (CMC®) на 15 менаџмент консултанти во Македонија.
„Тоа беше значаен чекор кон воспоставување на етички и професионални стандарди за консултантската професија. Целта на CMC® е да изгради репутација и доверба, да создаде добар однос помеѓу консултантите и клиентите, и да ја зајакне консултантската заедница преку развивање силни врски. Нашата заложба е да обезбедиме конзистентни и високи стандарди на квалитет, кои не се само сертификат, туку и обврска за одговорност кон клиентите и општеството. Поддршката која ја дава Меѓународниот совет е посветена на градење на консултантска професија која не само што го унапредува деловниот сектор, туку и активно придонесува кон развојот на државата. Убедена сум дека МКА 2000 ќе продолжи да биде двигател на позитивни промени и пример за професионализам,“ рече Мантаркова.
На настанот беа најавени и три иницијативи на МКА 2000., кои вклучуваат продолжување со промоција на квалитетни стандарди на менаџмент консалтинг, преку франшиза за CMC за консултантски организации. Притоа, асоцијацијата обезбедува мрежа на консултанти до кои може да се пристапи, да се соработува и да се споделуваат идеи, при што целта е да се соберат најдобрите, но и младите консултант(к)и, да им се помогне во нивниот развој и услуги за клиентите. Беше најавено и дека во наредниот период МКА 2000 ќе работи и на дигитална платформа за промоција на услугите на своите клиенти.