Пишува: Ема Анчевска, Магистер по кризни комуникации и ко-сопственик во ПР и маркетинг агенцијата ИДЕА ЛАБ
И официјално, неочекувано, изненадно, филмски и многу брзо, мал, непознат и невидлив вирус, создаде глобално стампедо од страв и ја отвори уште пошироко вратата кон дигиталната ера. Ера на нови правила во еден нов превртен свет со начини на функционирање кои се како нова рута за возење наутро кон работа. Свет во кој балансот помеѓу физичкото и ментално здравје и опстанокот на бизнисите, е покршлив од било кога досега. Пред глобалната криза со вирусот, кој моментално го диригира текот на животот на планетата, свесно или не, луѓето живееја и работеа со мисла дека секој ден можат да се случат и добри и лоши нешта, но никогаш не помислувајќи дека најлошите сценарија од филмовите, некој ден како најголемо изненадување можат да нè расонат и да ни покажат секундарно, колку лесно и брзо се губи комфорот и цврстите начини на функционирање на кои сме навикнати.
Во време на една нова пандемија, која го размрда, разбуди и го замисли светот и која му подари на истиот големи, но доста скапи лекции во повеќе сфери, вклучувајќи ја и таа на маркетинг агенциите и брендовите, како на глобално ниво, така и кај нас – подготвеноста за навремена и брза адаптација и распределба на тимот, ресурсите, техничките капацитети, а притоа балансирајќи и наоѓајќи како најдобро и најприоритетно да се заштитат вработените, кои се дел од најважните столбови на успешната работа, е одговор кој во овој момент секој се плаши да го одговори.
Во Идеа Лаб ситуацијата ја прифативме трезвено и на мирен начин, многу брзо се навикнавме на новите правила и форма преку која можеме да продолжиме да работиме со исто темпо и квалитет, а сепак да се обезбеди сигурност и безбедна средина за чување на здравјето на секој вработен од нашиот тим. Упорноста да го задржиме квалитетот, како за нас така и за клиентите, како и тимската безбедност, ни беа главната мотивација да го прифатиме новиот предизвик кој ни тропна на “незакажан состанок на врата”. Во првата недела се распределивме по принцип пола-пола. 50% од вработените фукнционираа сè уште од нашите канцеларии, секако со почитување на сите заштитни мерки кои почнавме да ги применуваме неколку недели и пред големиот шок, што го приреди коронавирусот секаде, а 50% почнаа да се навикнуваат мошне брзо да ги сработуваат своите работни обврски и од комфорот на својот дом.
Секако взаемното разбирање, поддршка и почит ни беа приоритет во оваа ситуација – и сега, а и секогаш претходно, па можеби и затоа транзицијата кон новата реалност во агенцијата ја прифативме доста нормално.
Во предвид го земавме фактот што дел од тимот сме родители со семејства и мали деца, кои во време на домашна изолација, делумно присуството на други членови од семејството во новата работна атмосфера во одреден дел од работното време, може да влијае на фокусот при извршувањето на одредена обврска, видео повик со клиент, добивање инпут за нови понуди и слични ситуации. Да се најде разбирање и да се оддржи продуктивноста се две нешта кои сме среќни што успеаваме да ги поседуваме овие денови.
Како и на многу други агенции и брендови, а така и на нас, плановите за претстојниот период, за многубројни настани и кампањи, кои веќе беа договорени да се реализираат според оперативниот план на агенцијата, ни се срушија како кула од карти.
Нашата потпора и решение во оваа ситуација е секако креативноста, која под еден ваков општествен притисок е и уште повеќе оригинална и е дефинитивно “имуна” на предизвиците во непредвидливото секојдневие, каде што стравот и храброста се главните два избори, кои ги носи секој бизнис наутро во оваа нова Ковид-Ера.
Како поминуваат деновите во домашна изолација, сè повеќе го докажуваме нашиот постар став дека идеите од добар “ков” смислени од креативните умови на агенциските тимови, се потребната вакцина на агенциите и брендовите против мулти-опасноста од пандемијата која го преплави и му стави пауза на светот.
Најдоброто изненадување и најсветлата точка во целата ситуација која ја сфативме сите во нашата агенција е дека брзината за тоа во колку безброј форми можеме да ја трансформираме креативноста во било какви ситуации, во кои може да нè стави модерниот начин на живот – и тоа со заеднички сили – е неограничен и истата ја контролираме единствено ние. Успехот или неуспехот зависи само од нас и нашата упорност и уникатност.
Овој период на нови навики, кои веќе го менуваат начинот на кој живееме и работиме, е период кога брендовите ја добија најтранспарентната шанса да им покажат на таргет групите дека во време на криза, грижата за човекот и комуницирањето на вистински вредности е многу поважно и поприоритетно од било кога, наспроти опасната и ризична опција да се комуницираат промоции и да се фокусира и нагласува индиректно златната можност за профит на одредени услуги и производи. Модерниот купувач е паметен и доста информиран во нормални услови, а замислете како размислува истиот во време на криза.
Моментално фоксуот на потрошувачите е 24/7 насочен кон дигиталната призма на брендовите, каде го следат секој нивен чекор, двојно повеќе, а начинот на кој што луѓето ќе ги перцепираат брендовите од сега па натаму, се создава токму сега. Иако е момент на криза, брендовите кои ќе се погрижат да ги задржат своите корисници на производи и услуги, па и да создадат нови, ќе ја искористат позитивната страна за да им понудат дополнителна вредност на потрошувачите, комунцирани и претставени во оригинална форма со помош на стручноста и искуството на агенциите.
Вредностите и целите кои брендовите ги комуницираа постојано претходно, моментално се наоѓаат на тест пред судот на потрошувачите кои се и порота и судија, чие мислење тешко може да се промени.
! За таа цел, направивме опсежна анализа и наши предвидувања за функционирањето на економијата сега, но уште поважно, по кризата. Од резултатите дојдовме до едно единствено решение, т.е се инспириравме од потребата на пораката да се купуваат единствено и колку можеме повеќе домашни производи. Меѓусебната поддршка е она кое на сите ни е потребно овие денови. Развивме стратегија, бидејќи не се жалиме, туку напротив се трансформиравме во модерни маркетиншки “воини” кои не се откажуваат, па затоа имаме и предлог за Владата, да истата им помогне на маркетинг агенциите со стимулирање на македонските компании (преку соодветни грантови – буџети за оваа кампања) за користење на домашните агенции во една нова голема кампања за стимулација на купување исклучиво домашни производи. Секако за да биде фер можноста на овој стимул и финансиски push, овие солидарни владини мерки треба да се достапни да бидат искористени од секоја агенција со иста можност и шанса за користење на истите. Со креирање официјален владин повик на кој ќе се вклучат и ќе одговорат околу десеттина ПР и маркетинг агенции во земјата со стекнато искуство и експертиза, ќе се креира историска шанса преку солиден круг на разменување на услуги да се создаде надеж и реална можност да преживеат, како компаниите, така и агенциите, а воедно во прилог и на македонската економија и во прилог на достапноста на домашните производи и услуги до крајните потрошувачи.
На овој начин се стимулираат македонските производства да продолжат со работа поради побарувачката на нивните производи која може да се појави како ефект од спроведената кампања. Потоа ќе се задржат сите работни места во овие компании поради потребата од работна рака. Исто така ќе се стимулираат и модернизираат овие компании за користење на маркетинг и ПР кампањи, бидејќи сега повеќе од било кога ќе биде евидентен ефектот и моќта на ПР и маркетинг мајсторите. Буџетите доделени на компаниите за користење на овие мерки, ќе се потрошат на трошоците генерирани за кампањата, т.е на агенциите за ПР и маркетинг, па така наместо субвенции за плати за седење дома и неработење на ПР и маркетинг тимовите, ќе може да се даде плата за сработена кампања и за колку толку, одржување на економијата во еден затворен круг, смислен и осмислен за маркетинг секторот. Секако при разработка на оваа идеја и стратегија, важно е да се земе во предвид дека предноста треба да се даде на компаниите од овој сектор кои ќе се загрозени, т.е изгубиле работа и клиенти од ХОРЕКА сегмент, EVENT-индустрија, BTL-кампањи, наспроти оние компании кои имаат договори и работат со државни институции, т.е се она што во моментов е неизводливо да го спроведат. Ние се соочивме со овој предизвик и како и 7 години досега, најдовме решение.
Веќе контактираме со голем дел од македонските производни компании, осмислуваме кампањи и ги охрабруваме да започнеме со работа за да го увидат и самите ефектот од кампањата, како извор од кој сите ние зависиме без разлика за каков вид на основни потрошувачки производи се работи. Секако дека ќе оди полесно сето ова кога компаниите не би се плашеле дел од своите резерви во оваа криза, да одлучат да го пренаменат како буџет за маркетинг поради неизвесноста на самата пандемија и крајното сценарио на истата.
Затоа праќаме позитивен маркетиншки апел, за нашата идеја на затворен круг, за одржување или подобро кажано за опстанок на маркетинг и ПР индустријата, биде разгледана, да се доработи до најситните детали и да почнеме со старо – нова кампања за охрабрување на купување на наши домашни производи, како најдобра вакцина од корона ударот врз маркетинг индустријата во Северна Македонија.
Се надеваме дека оптимистичкиот став, за нормално функционирање, носење одлуки и за давање зелено светло на идеи, кои можат да бидат катапулт кон нови успеси, ќе се рашири, а правилните позитивни одлуки во светот на бизнисот ќе ги надминат негативните.
Затоа и одлучивме да продолжиме да сме насочени единствено кон успех, затоа што е можно и изводливо – и за нас и за нашите клиенти. А одејќи заедно со креативни мисли и тимски дух, светлото на крајот на тунелот изгледа сè поблиску, а кога ќе се загледаме и одблиску во тунелот, сепак не е толку темно колку што мислиме. А дотогаш, #останетедома и #чувајтесе!