Пишува: Ели Пешева, ЊУ МОМЕНТ
Како индустрија која е навикната на несигурност и промени, мора да си признаеме дека овојпат навистина бевме затечени. Секогаш сме биле први на удар на секоја криза. Но сепак со вакво нешто не сме се соочиле. Не можеме да направиме никаква проекција или претпоставка за тоа што носи следниот ден. Неизвесноста е огромна. Она што требаше да биде пролет полна со интересни проекти, големи настани, медиумски предизвици и активности во областа на пазарните комуникации се претвори во нивно секојдневно откажување.
Сериозно прашање за сите стопанственици, и секако за нашата компанија е дали и колку капацитет на издржливост ќе имаме до следната плата, и што ако кризата потрае до лето, па дури и до есен? Имаме пред се човечка одговорност да се грижиме за вработените, и за функционирањето на компаниите, но за жал ситуацијава во моментов, како и недостигот од практични мерки за помош, не носи во ќор сокак.
Иста е состојбата во сите гранки на нашиот бизнис. Независно дали се работи за креативна работа, медиуми, односи со јавност, дигитални комунукации, брендинг, истражувања, промоции.
Голем број на агенции ги затворија канцелариите и продолжуваат или барем се обидуваат да работат од дома. Сепак, независно колку се напредни телекомуникациите и можностите што ги дава дигиталното време, сепак работа од дома не може да ја компензира стандардната агенциска работа во контекст на продуктивноста, квалитет, заштита на податоци, тимската работа…
Вработените во Њу Момент во моментов 90% работат од дома. Од компанијата се одвиваат само неодложните работи кои се технолошки поврзани со компанискиот центар. Се уште има проекти и кампањи кои се во подготовка. Она што сега им го препорачуваме на нашите клиенти е благо вртење од зацртаната линија на планирани активности, кон помош на државата и нејзините институции. Комерцијалните компании имаат морална и човечка одговорност да мислат на заедничкиот бенефит, но би било неразумно ако не им се препорачуваат и насоки со кои ќе можат и тие да го оддржат својот бизнис.
Од мерките кои би ни го олесниле периодот, најбрзо и најлесно, Владата може да даде олеснување од придонесите за платите, потоа даночни олеснувања, како одложување на исплата на ДДВ и ослободување од аконтација на данок на добивка. Сметаме дека би можеле да бидат понудени субвенции и поддршка за нашите клиенти кои нема да ги сопрат нивните маркетиншки активности во периодот на траење на кризата, а може да бидат понудени и лесно достапни кредити за компаниите. Велиме лесно, бидејќи сите ги знаеме нашите банки. Ова би биле кредити кои би биле исклучиво наменети за плата на вработените.
Ситуацијата е драматична од бизнис аспект, ние сме врзани во круг, компаниите, агенциите, медиумите, и во овој момент заедничката цел е да задржиме глава над вода.