Дигиталната платформа за вмрежување и кариерен напредок LinkedIn лансираше нова глобална кампања насловена “Find Your In”, со која сака да ги инспирира возрасните баратели на работа преку очите на младите.
Дејството на централниот спот се одвива во перална каде што една млада девојка веројатно чека да ја подигне својата испрана облека. Нејзиното „досадување“ е прекинато кога на еден мобилен телефон до неа пристигнува нотификација од LinkedIn.
Ова ја поттикнува нејзината имагинација и почнува да си ги замислува сите потенцијални кариерни патеки кои стојат пред нејзиниот живот. Додека таа танцува на хитот “Guerilla” од Реми Волф, од машините за перење летаат униформи од секоја професија – од спортски дресови до бели канцелариски кошули.
„Баравме начин да зборуваме за професионалниот свет на начин што ќе оддава чувство на топлина и нешто ново. Облеката што ја носиме е поврзана со тоа кои сме, кои сакаме да бидеме и често каде работиме. Ни се допадна идејата дека пералната ги има сите идентитети од светот на професионалците, но без самите професионалци. Додавајќи ја имагинацијата на едно девојче во целата приказна, добивме можност да си играме со идејата за сите начини на кои LinkedIn може да им помогне на луѓето да станат некој во нивната иднина“ – објаснуваат Тоби Трејер-Еванс и Лори Хауел, извршни креативни директори во агенцијата Droga5 која стои позади кампањата.