Ако се верува на најновото истражување на eMarketer, инвестициите во мобилно огласување во наредниве 3-4 години вртоглаво ќе пораснат и ќе доминираат во целокупниот микс на дигитален маркетинг учествувајќи со најголем процент.
Во 2015 година, инвестирањето во моблни реклами во САД ќе се зголеми за неверојатни 50%, достигнувајќи бројки од 28 милијарди и дури 49% удел во сите дигитални огласувања.
Во 2019 мобилното огласување ќе порасне на 65 милијарди, или 72,2% од вкупните инвестиции во дигитални реклами.
Од наредниот графикон подолу, се забележува дека наредната (2016) година ќе биде клучната кога мобилното огласување ќе го премине за прв пат десктоп огласувањето, кое и понатаму ќе остварува континуитет во вкупно инвестираните средства, но мобилното огласување во меѓувреме ќе расте со огромни стапки на раст од година во година и ќе има се поголем удел во вкупно инвестираните средства.
Овие предвидувања и бројки воопшто не се изненадување за сите што внимателно го следат развојот на индустријата и знаеја на време да ги прочитаат информациите за промената на навиките на потрошувачите и трендот на намалување на користењето на десктоп уреди за сметка на мобилните уреди (смартфоните и таблетите пред се).
Иако бројките погоре се однесуваат за САД која покрај Велика Британија е предводник на новите трендови во индустријата, сепак побрзо или подоцна овие состојби и ситуации ќе се пресликаат и во останатите пазари а таму на опашката на промените секако ќе биде и пазарот во Македонија. Затоа е исклучително важно да се следи како пазарот ќе се развива во иднина, навремено да се студираат позитивните примери и успешни приказни, да се детектираат можните проблеми и предизвици – за кога тој тренд ќе стане реалност и на домашно тло, да се биде спремен и подготвен….што секако носи успех и пазарно профитирање.