Германската медиумска компанија Deutsche Welle лансираше нова кампања со која се разгранува во нова сфера на животот: модата. Преку таканаречената „Нецензурирана колекција“, Deutsche Welle нуди креативен начин како да се заобиколи цензурата и да го поддржи слободниот проток на информации.
Се работи за модна колекција од повеќе парчиња облека чиј дизајн, од една страна, пропагира слобода на говор, а од друга страна – има вшиени инструкции кои ќе им помогнат на луѓето да ја заобиколат цензурата и да пристапат до независни медиуми без разлика каде и да се наоѓаат во светот.
Германската медиумски бренд нагласува дека некои земји во светот сé уште користат цензура за да го контролираат текот на информациите, а преку оваа модна колекција сака да го предизвика вниманието на јавноста во врска со овој проблем.
Сите приходи од продажбата на модните парчиња ќе бидат донирани на независната и непрофитна организација Committee to Protect Journalists, која се бори за слободата на медиумите ширум светот.
„Нецензурираната колекција“ е создадена во соработка со берлинскиот моден дизајнер Марко Скајано.