Интернетот “полуде“ поради расистичкиот спот на модната куќа Кристијан Диор во кој учествува Џони Деп и индијанец кој игра традиционален племенски танц
Спотот е направен во рамките на кампањата за нивниот нов машки мирис наречен Sauvage. По масовните напади, модната куќа Диор го повлече видеото и рекламите кои го промовираат од нејзините социјални медиуми.
Видеото беше објавено во петокот, а во него се појавува Џони Деп облечен во пончо како свири електрична гитара додека Индијанецот игра.
Во описот во објавата на Инстаграм, компанијата изјави дека видеото е направено во тесна соработка со Американската организација за еднаквост за Индијанците „со цел почитување на домородните култури, вредности и наследство“. Сепак, тие наскоро го избришаа тој пост.
Нивниот обид да се намали гневот на интернет создаде контра-ефект и доведе до тоа тие да бидат обвинети за присвојување туѓо културно наследство и за директен расизам.
Многумина го коментираа и името на парфемот „Sauvage“, кој може да се преведе како „див“, „недопрен“, но и како „дивјак“, „жесток“ …
Во една од објавите на Твитер, која ја осудува модната куќа, се вели дека не постои начин тие да не знаеле дека името е несоодветно, бидејќи ги изедначува Индијанците со дивјаци. „Тие знаеја што прават“, се вели во објавата.
Имаше и такви кои ги бранеа актерот и Диор, но многу помалку од овие првите. Тие, меѓу другото, изјавија дека Џони Деп е почесен член на заедницата на Индијанци Команчи од 2013 година и дека тој не направил ништо лошо, а видеото покажува почит кон Индијците, а не навреда.