Француската корпорација за лукзуна мода Kering, сопственик на брендовите Gucci, Yves Saint Laurent, Balenciaga, Brioni, Bottega Veneta, Alexander McQueen и други, соопшти дека целосно ќе се откаже од животинското крзно како материјал за изработка на облека.
Иако дел од брендовите како Gucci и Balenciaga веќе се имаат откажано од крзното пред неколку години, овој компаниски стандард сега ќе се пренесе на сите брендови во модната групација кои досега немаа таква одлука, како Yves Saint Laurent и Brioni. Од Kering очекуваат дека промената во производствениот процес ќе се комплетира до есента 2022 година.
По однос на прашањето зошто крзното било толку барано во минатото, претседателот на групацијата Kering, Франсоа-Анри Пино, истакнал дека: „крзното е симболичко, тоа е материјал кој историски се поврзува со луксузната индустрија“. Меѓутоа, тој додава, „некои материјали повеќе немаат место во луксузот“, укажувајќи на етички и еколошки причини зошто компанијата се откажува од материјалот.
Покрај забраната за крзното, сите брендови кои се дел од Kering ќе мора да се придржуваат кон ажурираниот правилник на групацијата за материјали од животинско потекло (како, на пример, кожа), донесен во 2019 година. Овој правилник предвидува „верификација на хуманиот третман на животните во сиџирите за снабдување на групацијата“, како и детални одредби за условите во кои животните живеат и начинот на кој материјалите треба да се обработуваат.