Асоцијација за борба против Алцхајмеровата болест од Аргентина и американската креативна агенција Republica Havas лансираа нова принт кампања, насловена „Секунда“, чија цел е подигнување на јавната свест за предизвиците со кои се соочуваат пациентите кои моментално губат свесност за тоа каде се и што прават.
„Оваа кампања зборува за оние кои талкаат по улиците апсолутно изгубени, во еден миг не знаејќи кои се, каде одат или што прават таму. Мислам дека најдовме јасен, а сепак метафоричен начин да зборуваме за оваа ситуација, со прикажување на момент на луцидност кој веднаш се губи во целосна темнина, преку прекрасна фотографија и зрак светлина што се протнува меѓу зградите и го претставува тој момент на луцидност – спротивно на темнината, каде што конфузијата е целосна“ – објаснува Тони Вајсман, генерален креативен директор на Republica Havas.
Според кампањата, дури шест од десен луѓе кои страдаат од оваа болест се соочуваат со губење на свесност кога се движат на јавни површина.
„Еден од когнитивните симптоми на Алцхајмеровата болест е дезориентираноста. Тоа може да доведе до засегнатото лице да развие однесувања како талкање без очигледна цел или дестинација. Тоа е нормално однесување со болеста. Движењето или бесцелното талкање се знаци кои се појавуваат кај некои луѓе со деменција. Во нив се буди потреба за движење и одење без да се знае зошто и за која цел. Талкањето може да биде поттикнато од желбата да се бара нешто или некого… сакана личност, партнер или од желба да се направи нешто типично за рутината што ја имал пациентот пред болеста“ – објаснува Гиљермо Андрес Феро, потпретседател на Асоцијација за борба против Алцхајмеровата болест.
Ова може да биде загрижувачки проблем со кој се соочуваат негувателите. Затоа, важно е да се знаат некои стратегии што може да се применат, во грижата и придружувањето на пацеиентите, за да се избегне ваквото однесување.
„Најдобро е да имате повеќе информации за овие знаци и како тие можат правилно да се третираат. Има многу работи што може да се направат и научат за да се подобри благосостојбата и на пациентот и на старателот. Оваа кампања не само што ни овозможува да допреме до повеќе луѓе и многумина да ги освестиме за постоењето на нашето здружение составено од волонтерски членови на семејствата и професионалци кои сакаат да помогнат, туку го илустрира и еден од најчестите симптоми на пациентите кои се соочуваат со некој тип на деменција“ – додава Гиљермо Андрес Феро.