Фејсбук е очигледно во прилично непријатна ситуација, бидејќи деталите од скандалот со користењето на податоците на корисниците од страна на компанијата Кембриџ Аналитика, продолжија да ја тресат социјалната мрежа.
Покрај сите негативни реакции од корисниците, како и големиот број прашања кои ги поставуваат законодавните органи, Фејсбук е погоден од загуби и во областа на рекламирањето. Имено, Mozilla ги повлече своите реклами од Фејсбук, истакнувајќи дека вестите за Кембриџ Аналитика ги наведе Mozilla да ги разгледа тековните правила за приватност на Фејсбук, со оглед на фактот дека Mozilla ги користи своите пари за поддршка на оваа платформа. Поради ова, Mozilla одлучи засега, да престане со рекламирање на платформата.
“Кога Фејсбук ќе најде подобри начини за тоа како ги споделува податоците за корисниците, особено во областа на зајакнување на политиката за приватност, ќе размислиме за враќање на Фејсбук”, истакнуваат од компанијата Mozilla.
Иако Mozilla е изгледа првата голема компанија која повлече ваков потег, многу други компании во моментов размислуваат да го направат истото. Како што пренесува весникот Тајмс, здружението Incorporated Society of British Advertisers (ISBA) побарало од Фејсбук повеќе одговори за новонастанатата ситуација и ќе се сретне со раководството на компанијата. Оваа трговско тело, претставува повеќе од 3.000 брендови, вклучувајќи ги и Unilever и P&G, кои би можеле да одлучат за повлекување на стотици милиони долари за рекламирање на Фејсбук, во зависност од одговорите на менаџерите на компанијата.
Покрај тоа, Нордеа, најголемата банка во нордискиот регион, изјави дека засега нема да купува акции на Фејсбук.