Македонската радио-телевизија информира дека по големите подготовки и преземени активности, со задоволство известува дека почнува со емитување 4 нови телевизиски канали, и тоа:
- МТВ 2 – 24-часовен канал на албански јазик,
- МТВ 3 – канал за спорт и забава,
- МТВ 4 – канал за другите етнички заедници и документарна програма и
- МТВ 5 – специјализиран канал за детска програма.
„Отворањето на новите телевизиски канали е реализација на најстратешката определба во програмата за работа на овој тим кој раководи со МРТ. Со пуштање во етер на новите канали очекуваме нашите гледачи да добијат можност за следење поголем број разни содржини кои опфаќаат повеќе целни групи. Во овој период можеби најзначајно е отворањето на детскиот канал, каде што ќе понудиме повеќе образовна и едукативна програма за учениците. Исто така, со зголемување на обемот на програмата на албански јазик, како и каналот за другите етнички заедници, ќе се отвори можност што поголем број програми да се емитуваат на јазиците на нашите верни гледачи“, се вели во соопштението.
Новите телевизиски канали ќе бидат бесплатно достапни за сите граѓани во Македонија, и тоа преку терестријалната мрежа, како и преку платформите на сите оператори на програми.
Прв канал што ќе почне да емитува програма е МТВ 5, кој ќе почне на 8 април (среда), со почеток во 16 часот, а втор ќе биде МТВ 3, кој ќе почне да емитува програма на 10 април (петок), со почеток во 16 часот. Другите два канала ќе почнат со работа на 16 април (четврток). Овој датум е земен поради јубилејот што го одбележува програмата на албански јазик.
Гледачите што ги следат програмите на Македонската радио-телевизија преку кабелските оператори „А1“ и „Телекабел“, ќе може да ги гледаат новите канали кога ќе ги прескенираат своите ТВ-приемници или сет-топ бокс-уредите. Корисниците на Македонски телеком, без никаква интервенција, ќе ја добијат можноста да ги следат детскиот канал – МРТ 5 и спортско-забавниот канал МРТ 3 во СД-резолуција на каналите 6 и на 8, а во ХД-резолуција на каналите 711 и 712. За редоследот на другите два телевизиски канала дополнително ќе ја известиме јавноста.
Гледачите што ги следат програмите на Македонската радио-телевизија преку ДВД-T мрежата на ЈП МРД (односно го примаат сигналот со антена), за да ги гледаат новите канали на МРТ, треба да ги прескенираат програмите на своите ТВ-приемници или на сет-топ бокс-уредите.