Во најновата анализа на пазарот објавена од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медумски услуги забележлив е податокот дека за прв пат во последните пет години трошоците на Македонска радиотелевизија во 2019 година се поголеми од трошоците на сите останати комерцијални телевизии заедно.
Трошоците на МРТ биле за 49,93% повисоки отколку во претходната година, а трошоците на комерцијалните телевизии и радиостаници од година в година бележат благ пад.
Кога станува збор пак за приходите кои МТВ ги остварува, забележителен е континуиран пад во изминативе 5 години.
96,27% од приходите на МРТ се средствата од државниот буџет наменети за финансирање на радиодифузната дејност. Приходот остварен по овој основ изнесувал 894 милиони денари, a oвој износ е за 229,5 милиони денари помал од законски предвидениот.
Кога станува збор за приходи од реклами, МРТ остварила 12,99 милиони денари. Ова претставува остварување на 99,9% од она што МРТ планирала да го оствари, но истовремено и најнизок износ во периодот од последните 16 години (откако регулаторот ги обезбедува овие податоци).
Во последните години беа направени неколку измени на законските решенија што го уредуваат прашањето за начинот на кој се финансира јавниот сервис, а со некои од нив се предвидоа и одредени ограничувања за рекламирањето на јавниот сервис.