Хиспанско-американскиот музеј на уметноста „Исак Фернандез Бланко“ од Буенос Аирес и аргентинската непрофитна организација за подигнување на јавната свест за ракот на дојка Macma, заеднички лансираа необична кампања насловена „Уметноста на самоиспитувањето“ (“The Art of Self-Examination”).
Имено, музејот поставил репородукции на познати уметнички дела кои посетителите во еден ден од неделата можат да ги допираат, фаќаат и испитуваат за знаци на рак на дојка.
Но, изборот на изложените уметнички дела воопшто не е случаен – напротив. Изборот е направен врз основа на едно истражување на д-р Лилјана Соса, објавено во престижното медицинско списание The Lancet, која детектирала визуелни знаци за рак на дојка кај моделите на познати слики, како „Батшеба го држи писмото на Кралот Давид“ од Рембрант, „Трите грации“ од Рубенс и „Портрет на млада жена“ од Рафаело.
Се разбира, репродукциите на сликите се дополнително надоградени со потребните елементи за тактилно препознавање на симптомите на рак на дојка, покрај нивниот визуелен аспект.
Од организацијата Macma се надеваат дека оваа тактилна изложба ќе ја подигне јавната свест за важноста од редовните самопроверки, истовремено учејќи ги луѓето како да ги препознаваат симптомите на рак на дојка.
Кампањата се реализира со помош на креативната агенција David Buenos Aires.