Автомобилскиот бренд Mercedes-Benz се реши практично да ги претстави способностите на своите теренски возила во нова кампања по повод светиот месец Рамазан.
Имено, компанијата се одлучи да тргне на аџилак до Мека, светиот град на исламот, со помош на теренско возило, одблиску претставувајќи ги убавините на патешествието и способностите на возилото. Кампањата е смислена како репортажа од неколку кратки епизоди, кои го прикажуваат тоа патување. Досега се објавени две епизоди, при што финалната епизода, односно пристигнувањето во Мека, треба да се поклопи со крајот на Рамазан.
„Пред повеќе векови, аџилакот во Мека се правел на грбот на камили низ долг и опасен терен. Денес, потребни се само неколку часа во воздухот – побрзо и подостапно од кога било досега, но богатото наследство и бесценетите традиции на долгото и извонредно патување до таму на теренот се изгубени со текот на времето… сé до сега“ – се посочува во најавата на Mercedes-Benz.
Кампањата се реализира со помош на креативниот тим на Publicis од Обединетите Арапски Емирати.