Пронаоѓањето на соодветна консултантска компанија не е лесна работа. Постојат многу компании на пазарот во Македонија, секоја со различно позиционирање, портфолио на услуги, учинок и тим на консултанти.
Без разлика дали ви е потребна консултантска компанија за да генерирате свежи идеи, да ја добиете стручноста и искуството на консултантскиот тим или воопшто да го подобрите вашиот бизнис, постојат неколку чекори на кои треба да се посвети внимание со цел да бидете сигурни дека една консултантска компанија е таа што навистина ви е потребна за максимална ефективност.
1. Пред да ангажирате консултантска компанија
Истражете го пазарот
Консултацискиот пазар нема „Жолти страници“. Референците се често добар извор за квалификувани препораки. Распрашајте се за репутацијата на главните консултанти во компанијата. Должната внимателност е од критично значење, бидејќи вашата кариера и вашите цели се потпираат на успешен исход.
Бидете јасни што сакате
Консултантите се добри во толкувањето на површни брифинзи, но често поради неопходност отколку по природа. Треба да бидете јасни за исходите што сакате да ги постигнете со цел да имате успешна соработка (на пример, дефинирајте ги првите три прашања на кои сакате да добиете одговори, одлуките што сакате да ги преземете или опцијата што сакате да ја процените). Кратките и површни брифинзи може да значат одбивање на соработката.
Проверете ги препораките
Студиите на случај и препораките од претходни проекти се корисни и може да помогнат во идентификувањето на соодветни кандидати. Колкумина од консултанскиот тим кој го ангажирате ги имаат соодветните вештини и искуства за вашиот проект? Дали она што успеало во друг случај ќе успее и во вашиот? Постои разумен баланс помеѓу докажаниот пристап и прилагоденото решение.
Запознајте го консултантскиот тим
Партнерите и сениорските членови на консултантскиот тим треба да можат да го разберат вашиот предизвик, да дадат предлог за можно решение и да проверат дали го разбрале исходот што го барате. Но, во секој случај, тие генерално нема да бидат тие што секојдневно ќе го реализираат тоа решение на терен. Клучно е да се сретнете и со тимот што активно ќе ја испорачува „теренската“ работа.
Овозможете им на консултантите да се запознаат со вашиот тим
Добрата работна хемија е клучна. Дали консултантите лесно ќе се интегрираат во вашиот тим и ќе го зајакнат вашето решение? Колку напор ќе треба да вложите во менаџирањето на консултантите или менаџирањето на дисхармонијата создадена меѓу членовите на вашиот тим? Одговорот треба да биде минимален. Консултантите треба да бидат во голема мера „самоодржливи“ и да ги намалуваат вашите проблеми, не да ги зголемуваат.
2. Формулирајте јасен бриф
Јасно определете го опсегот на работа
Што не е во опсегот на работа е исто толку важно колку и она што е. Проектите често може да се равиваат во погрешна насока доколку „несуштинските“ елементи погрешно се приоретизираат, или елементите на „дополнителна вредност“ се испорачуваат на штета на критичните исходи. Договарањето околу опсегот и приоритетите на работа е од суштинско значење и тоа треба да биде формално документирано, што значи формулирање на јасно дефинирани брифинзи и работни планови.
Јасно определете ги очекуваните резултати
Аутпутот/испораките/успесите се фини и добри, но никој не го променил светот со нив. Резултатите се различни по тоа што клиентот или корисникот можат да ја видат и доживеат промената. Резултатите го дават одговорот на прашањето:„Што се промени како резултат на проектот и кој го забележа тоа?“
Поставете го проектот на добра основа за успех
Договорете ги комерцијалните аспекти (рокови и услови, фактурирање, финансиски контакт, политика на расходи и слично). Определете редовни извештаи и целни точки, инсистирајте на јасни комуникациски протоколи. Вклучете ги консултантите во тимски состаноци, обуки, брифинзи и сл. кога е соодветно и бидете јасни во кои случаи тоа не е соодветно и зошто.
3. Дефинирајте го исходот
Ревидирајте го договорот после две недели
Секој проект започнува со препоставки кои брзо се покажуваат како погрешни. Да се биде директен во врска со ова во раните фази на проектот обезбедува усогласен поглед на работите и ја отстранува неизвесноста. Тоа може да значи ревидирање на опсегот, роковите или цената. Истото би го правеле со градежник, организатор на свадба или некој кој го поправа вашиот часовник. Консултантските ангажмани не се ништо поразлични во однос на тоа дека работите кога сте „внатре“ изгледаат многу поразлично отколку „однадвор“.
Одржувајте редовен дијалог
Одржувањето на отворен канал на комуникација е од суштинско значење. Премногу често клиентите немаат време после иницијалниот состанок или консултантските тимови се „вкопуваат“ во своите работни „ровови“ и не стапуваат во интеракција со самиот бизнис кој треба да го помогнат. Кратките дневни брифинзи се корисни за да се минимизираат големи влијанија врз континуитетот на бизнисот, а неделните извештаи се минимумот кој треба да осигура дека проектот се движи по предвидениот курст (или треба да го промени доколку се променат потребите на клиентот).
Одржувајте отворен ум во однос на вашите одлуки
Освен ако претходно не сте работеле со некој консултантски тим, навистина ќе дознаете дали се движите во правилен правец само откако ќе започне реализацијата на проектот. Оставете простор за раните испораки, но доколку вашата доверба опадне, треба да ја преиспитате ситуацијата и да имате резервен план. Брзиот неуспех и извлекување на поука е подобар пат до успехот отколку тврдоглаво да останете на курс со тим кој е осуден на краен неуспех. Консултантскиот тим на „тесното второ место“ може да биде подготвен и гладен да ја замени вашата погрешно насочена доверба во сегашниот тим.
Бидете јасни што за вас значи добро
Поставувањето јасни очекувања за тоа што сакате да видите, како сакате да го видите и дали сакате да ги видите предлог-нацртите или ревидиран краен резултат ќе ви помогне да го извлечете најдоброто од вашиот консултантски тим. Ако не можат да испорачаат на јасно-дадениот бирфинг, тогаш вам ќе ви биде јасно дека тие не го реализирале својот дел од договорот.
Редовно следете го напредокот во однос на зацртаниот план
Следете што е испорачано и како е тоа испорачано. Дали вашиот тим има бенефит од трансферот на знаење? Дали вашата организација се подобрила како резултат на ангажманот на консултантскиот тим? Дали ги добивате ветените „дополнителните вредности“ и „акцелератори“?
Давајте фидбек и следете ги резултатите
Консултантските проекти знаат да бидат интензивни и исцрпувачки. Позитивниот фидбек на постигнатите исходи (дури и оние малите) може да значи многу во поттикнувањето на мотивацијата. Но, исто така, конструктивниот корективен фидбек е корисен со цел да се избегне губењето време на активности кои не ги даваат посакуваните резултати. Консултантите се луѓе со „дебела“ кожа и тоа нема да го сфатат лично и во суштина би го преферирале таквиот фидбек со цел да имаат можност да постапуваат соодветно.
Завршете го проектот ефективно
Повеќето консултати ќе преминат на следен проект скоро веднаш штом завршат со вас. Осигурајте се дека сите испораки се предадени, опремата е вратена, лозинките и профилите се деактивирани, фактурите и трошоците се порамнети. Подеднакво е важно да се потврди комплетирањето на проектот преку пишан документ и да се осигурате дека некој во вашиот тим го задржал создаденото знаење и документација.
Заклучок
Пронаоѓањето на соодветна консултантска компанија е предизвик. Ќе ви биде потребна компанија која го разбира вашиот бизнис, има соодветно знаење и знае да делува врз основа на тоа знаење со цел да ги испорача потребните резултати. Не се одлучувајте за застарени пристапи и „пензионирани“ размислувања, туку за консултантска компанија која навистина ќе ги реши предизвиците со кои се соочува вашиот бизнис.
Преку следењето на горепретставените чекори ќе го олесните барањето на соодветната консултантска компанија и ќе го намалите ризикот за работа со некоја која само ќе го троши вашето време и пари.
—
Доколку за вашиот следен маркетинг / ПР проект Ви е потребна некаква консултанска помош или размислувате да ангажирате професионална агенција, контактирајте не на contact@marketing365.mk , за да Ви помогнеме да ја изберете најдобрата достапна опција.