Германскиот бренд на спортска опрема Adidas лансираше нова глобална кампања за колекцијата обувки Originals, славејќи ја врската на нивните патиките со светот на спортот и популарната култура.
Од компанијата посочуваат дека новото позиционирање ќе му дава поголемо значење на бројот три во нивниот бренд идентитет, одлучувајќи се дури во некои случаи да го отфрлат натписот “Adidas” за да се фокусираат само на препознатливото трилиснато лого.
Во првиот дел од кампањата насловена “We Gave the World an Original. You Gave Us a Thousand Back” („На светот му дадовме Оригинал, а вие ни вративте илјадакратно“), брендот објави три видео реклами именувани по нивните иконични патики: Superstar, Gazelle и Samba.
Секоја од рекламите ја раскажува приказната за тоа како соодветните патики на Adidas го надминале светот на спортот и станале составен дел од популарната култура – на улицата, во музиката, танцувањето и слично.
Видео спотовите се дополнително поддржани со троделни принт реклами кои ги вклучуваат и портретите на повеќе амбасадори на брендот, како што се фудбалските легенди Зинедин Зидан и Дејвид Бекам, актерката Џена Ортега, пејачката Анита, раперот Пуша Т и други.