На својот прв работен ден на позицијата генерален извршен директор на Ford, Џим Фарли најави темелни промени во оперативната структура на компанијата.
Фарли најави дека нов генерален финансиски директор на компанијата ќе биде Џон Лолер, досегашен извршен директор на Ford Autonomous Vehicles и потпретседател за мобилни партнерства. Лолер доаѓа на местото на Тим Стоун, кој заминува од Ford за да се приклучи на софтверската компанија за вештачка интелигенција ASAPP.
Генералната маркетинг директорка на компанијата и претседателка на луксузниот бренд Lincoln (кој е во сопственост на Ford), Џој Фалотико, ќе продолжи да ја извршува само втората функција. Нејзиниот наследник на маркетиншката функција сé уште не е именуван, но генералниот директор Фарли најави дека тоа ќе биде личност надвор од компанијата.
Исто така беше соопштено дека генералниот директор за информации, Џеф Лемер, ќе се пензионира од функцијата во текот на јануари следната година, додека пак потпретседателот за производство за територијата на Европа, Дејл Вишонски, ќе го стори тоа до крајот на годината. На местото на Вишонски ќе дојде Киран Кејхил.
Новиот генерален директор Џим Фарли изјави дека плановите на компанијата се „да се движи со итност“ во намалувањето на трошоците, подобрувањето на квалитетот и реструктуирањето на неефикасните бизниси. Најавени беа и планови за проширување на производството на комерцијални, електрични и возила со прифатлива цена, ширум светот.
На местото претседател и генерален извршен директор на Ford, Џим Фарли го наследи Џим Хекет, кој своето повлекување го најави минатиот месец.