(20.08.2020) – Како што се наближуваат американските претседателски избори, а глобалната пандемија продолжува да трае, познатиот дневен весник New York Times ја искористи можноста да се претстави себе како глас на вистината преку нова реклама.
Рекламата насловена „На животот му е потребна вистина“ (“Life Needs Truth”) е ново дополнување на веќе актуелната и континуирана кампања на весникот со наслов „Вистината е есенцијална“ (“The Truth is Essential”). Во сличен стил како и со останатите реклами, повторно гледаме навидум „несистематски“ колаж од наслови на текстови кои биле објавени во весникот. Меѓутоа, појавување на зборовите е во ритам на позадинската џез-песна, ефективно создавајќи еден вид на поема за животот од гледна страна на новинарите на New York Times.
Брзиот ритам на музиката/поемата е всушност огледало на брзиот ритам на работа кој го имаат новинарите, секогаш во потрага по нови информации и вести кои на читателите ќе им помогнат во оформувањето на појасно и поинформирано гледиште за настаните во општеството и светот, припремајќи ги за предизвиците на иднината.
Рекламата е дело на агенцијата Droga5.