На одбележувањето на Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа – 28. aприл, Пивара Скопје, трета година по ред, продолжува со реализација на волонтерскиот проект за едукација на учениците во основните училишта на теми поврзaни со здравјето и безбедноста во училишната средина. Оваа година со едукацијата се опфатени над 8.000 ученици од четвртите одделенија од над 100 основни училишта во 14 општини и градови ширум земјата, што е неколкукратно зголемување во однос на претходните две години.
Проектот се реализира преку интерактивни и сликовити презентации кои се прилагодени на возраста на учениците, а ги изведуваат вработени во Пивара Скопје кои, во рамки на воспоставената практика на компанијата, редовно се обучуваат и ги обновуваат своите знаења од областа на здравјето и безбедноста при работа.
Преку презентациите, учениците во присуство на своите наставници, стекнуваат знаења и прaктични совети за тоа како правилно да го држат телото при седење во училишната клупа и при работа со компјутер, како да спречат повреди предизвикани од лизгање, препнување и паѓање и за тоа како да постапат при евентуална појава на пожар во училиштето.
„Тргнувајќи од тоа дека добрите навики се стекнуваат уште на помлада возраст и дека тие се од исклучително значење за создавање здрави генерации, среќни сме што го реализираме овој проект со кој сакаме да ја поттикнеме свеста кај најмладите за значењето на здравјето и безбедноста во училиштата, а подоцна и на работното место. Горд сум што оваа година дури 60 наши вработени, на волонтерска основа, се пријавија да им го пренесат своето знаење на учениците. Тоа ја покажува нашата корпоративна култура која се темели на поддршка на вредностите и интересите на пошироката заедница“, изјави Јован Радосављевиќ, генерален директор на Пивара Скопје.
Покрај презентациите, децата добија и едукативни материјали кои треба да помогнат во пренесување на клучните сознанија и препораки за обезбедување безбедни и здрави училишни денови.
Пивара Скопје континуирано се грижи и вложува во здравјето и безбедноста на своите вработени, но и на потрошувачите и пошироката заедница. За досегашните достигнувања и активностите на овој план, компанијата е добитник на Националната награда за најдобри практики од областа на безбедноста и здравјето при работа. Пивара Скопје е меѓу првите компании во Македонија која уште од 2007-та година го има воведено и е сертифицирана според водечкиот меѓународен стандард за управување со безбедноста и здавјето при работа – OHSAS 18001.