Најголемиот креативен натпревар во светот, Cannes Lions, претстави дел од новитетите за следното издание во 2024 година.
Од организацијата посочуваат дека секоја година прават ревизија на натпреварувачките категории и награди за да бидат сигурни дека тие го одразуваат тековниот пејзаж на креативната индустрија, а истовремено го отвораат патот напред кон нејзиниот развој во иднината.
Воведена награда: Luxury & Lifestyle Lions
Оваа награда ќе обезбеди глобален стандард за брендовите во сферата на луксузот, препознавајќи и славејќи ги највлијателните креативни кампањи, искуства и деловни решенија во луксузниот сектор.
Категоријата ќе им оддаде признание на оние брендирани комуникации и решенија кои ги поттикнуваат деловните перформанси и лојалноста на брендот, како и креативноста и иновативноста кои се вкоренети во изработката на кампањите.
Проширување на Innovation Lions
Категоријата Innovation Lions ќе биде проширена за да го одрази постојано променливиот пејзаж на креативни решенија за најитните предизвици во светот. Оваа експанзија вклучува поткатегории за еколошки, општествени и финансиски иновации.
Кампањите пријавени во Innovation Lions треба да демонстрира револуционерна иновација, технологија и решавање проблеми кои ги претвораат имагинативните идеи во влијателна реалност.
Воведување на категорија за хумор
Cannes Lions одлучи да воведе категорија за хумор во секциите за култура и контекст, со цел да се прослави уметноста на хуморот во брендираните комуникации.
Кампањите што ќе бидат пријавени во оваа категорија треба да користат духовитост и сатира за да обезбедат забава и да создадат незаборавни врски што предизвикуваат смеа кај публиката.
Освежување на Social & Influencer Lions
Натпреварот ги проширува категориите во секцијата Social & Influencer Lions, со цел подобро да биде препознаена и прославена клучната улога што ја играат креаторите на содржини во обликувањето и засилувањето на брендираните пораки.
Динамичното влијание што овие поединци го имаат врз публиката на социјалните и дигиталните платформи ја одразува еволутивната природа на комуникацијата и брендирањето во модерната ера.
Реструктуирање на Audio & Radio Lions
Како што технологијата продолжува да напредува, така аудио содржините се здобија со важност на различни платформи, ослободувајќи се од традиционалните радио корени.
За да биде рефлектирана оваа промена, името на секцијата „Radio & Audio Lions“ е инверзирано во форма на „Audio & Radio Lions“.
Радио спотовите сѐ уште ќе можат да се натпреваруваат во оваа категорија, како и обично. Ова ажурирање едноставно треба да ја отсликува еволуцијата на звучниот медиум.
Освежување на PR Lions
Секцијата PR Lions е ажурирана со цел прецизно да ја одразува тековната состојба во индустријата за односи со јавноста и на тој начин правилно да ја слави работата што ги испорачува пораките на брендовите, го менува однесувањето на потрошувачите или ги ангажира клиентите.
За следното издание на фестивалот, во категоријата „Excellence in PR Craft“ ќе може да се пријавуваат работни проекти од страна на независни ПР агенции, компании во сопственост на ПР мрежа или независни ПР мрежи. Оваа секција нема да биде опфатена од постојаните максимални огранучувања за пријавување на проекти во рамките на PR Lions.
Повлекување на Mobile Lions
Мобилните уреди се дел од кампањите на секој канал и дисциплина, а во изминатите неколку години – креативноста поттикната од технологијата на мобилните уредите се прошири во речиси секоја категорија. За многумина, размислувањето со примарен фокус на мобилните уреди е веќе норма.
За правилно да биде одразена оваа промена, Cannes Lions одлучи да стави крај на секцијата Mobile Lions. Сè уште ќе има место за креативноста на мобилните уреди низ сите останати категории – едноставно нема да има самостојна категорија за тоа.
Прашањето за културниот контекст ќе биде задолжително
Минатата година беше воведено прашање за културниот контекст на пријавените кампањи, со цел да им биде полесно на жирирачите да го сфатат и проценат нивното значење. Жирито го сметаше ова прашање за толку вредно, што оваа година натпреварот одлучи да го направи задолжителен елемент за секоја апликација.
Преку одговорот на ова прашање, апликантите треба навистина да објаснат зошто нивната работа е релевантна за тој бренд, на тој пазар, во тој момент на времето.
Транспарентност за употребата на вештачка интелигенција
Натпреварот воведува задолжително прашање со кое ќе бара од апликантите транспарентно да соопштат дали употребувале вештачка интелигенција при креирањето на пријавената кампања и на кој начин. Ова прашања има за да му помогне на жирито да ја процени работата праведно, имајќи ја целосната слика.
Можност за жирито да ги види одговорите на прашањата за одржливост, диверзитет, еднаквост и инклузивност
Од следното издание на фестивало, натпреварувачите ќе можат да ги споделат нивните одговори на прашањата за одржливост, диверзитет, еднаквост и инклузивност со жирито. Притоа, од Canes Lions ги охрабруваат сите оние што напредуваат во овие области да го споделат својот успех и да ги поттикнат разговорите во собата на жирито.