Меѓународниот фестивал на креативноста Golden Drum најави дека јубилејното 30. издание на фестивалот ќе се одржи од 9 до 10 октомври 2024 година, во Гранд Хотел Бернардин во Порторож, Словенија.
„Многу работи се променија во последните 30 години, но срцето на Golden Drum сè уште чука силно. Барабанџии, подгответе се за незаборавен фестивал. Да живее силната конкуренција, доброто училиште, ѓаволските предизвици и лудата забава!“ – стои во најавата на Golden Drum.
Со најавата на новото издание беа соопштени и имињата на првите претседатели на жири-комисиите за категориите „One-Channel“, „Omni-Channel“ и „Craft“.
Претседател на жирито за категоријата „One-Channel“ ќе биде Гај Вијинк, глобален генерален извршен директор на AnalogFolk Group (AFG) од Велика Британија.
Гај има длабинско искуство во „скалирањето“ на агенции кои се фокусирани на иднината и во помагањето на брендовите да ги искористат дигиталните канали и технологијата за да испорачаат опипливи резултати. Во 2021 година, Гај стана извршен директор на AnalogFolk Group (AFG), прогресивната глобална групација за маркетинг и технологија која создава попаметна иднина за луѓето, брендовите и општеството. Претходно, Гај ја лансирал и ја продал креативната консултантска куќа Serum Consulting, како извршен директор раководел со Publicis Worldwide за Обединетото Кралство и Западна Европа, а извршувал и повеќе функции во текот на неговата 17-годишна кариера во агенцијата AKQA.
Претседател на жирито за категоријата „Omni-Channel“ ќе биде Кентаро Кимура, меѓународен генерален креативен директор и корпоративен директор во Hakuhodo и основач на Hakuhodo Kettle од Јапонија.
Кентаро е хибридна личност со способност за мултитаскинг. Во 2006 година, тој го основал повеќекратно наградуваното креативно студио Hakuhodo Kettle со мисија да ги пробие границите на традиционалните методи на огласување за да обезбеди иновативни интегрирани решенија за клиентите како што се Toyota, Sony, Google, Suntory итн. Тој има освоено повеќе од 150 награди вклучително и 10 Grand Prix награди на неколку меѓународни наградни фестивали. Како меѓународен CCO на Hakuhodo, Кентаро води креативци во меѓународни канцеларии и е одговорен за зајакнување на Hakuhodo како мрежа за подобро да им служи на своите клиенти. Тој, исто така, води популарни семинари за креативноста на меѓународни конференции ширум светот.
Со жирито за категоријата “Craft” ќе претседава Пум Лефебјур, ко-основач и генерална креативна директорка на Design Army од САД.
Пум ги надгледува сите креативни дела кои поминуваат низ вратите на агенцијата. Како наградувана креативна директорка и вешт бизнис лидер, Пум има развиено бројни меѓународни кампањи за клиенти од висок профил како што се Adobe, MORPHE, Netflix, Neenah Paper, The Ritz-Carlton, PepsiCo, Saucony, Hong Kong Ballet и Smithsonian. Пум била прогласувана за една од најдобрите 100 креативци во светот според Adweek; призната како една од најдобрите 50 луѓе што треба да се следат според Graphic Design USA; и назначена како ѕвезда во подем во изборот „Women Who Mean Business“ на Washington Business Journal.
Повикот за пријавување на кампањи во натпреварувачкиот дел на Golden Drum ќе биде објавен на 1 март.
Повеќе за информации за фестивалот, новитетите во натпреварувачкиот дел и начинот на учество, може да се најдат на следниот ЛИНК.