Компанијата за безалкохолни пијалаци Coca-Cola во јули го најави глобалното озвежување на вкусот, но и изгледот на бесшеќерната варијанта Coca-Cola Zero Sugar. Согласно најавите, сега ја добивме и новата огласувачка кампања која го промовира новиот вкус – “Best Coke Ever?” („Најдобрата Кока-Кола некогаш?“).
Во центарот на кампањата се наоѓаат три 15-секундни телевизиски спотови. Првиот од нив претставува стандарден кадар одблизу кој се фокусира на привлечните меурчиња на газираниот пијалак, проследен со соодветна нарација.
Другите два спотови имаат хумористичен карактер, прикажувајќи несогласување помеѓу два ентитети (диносаурус и астероид, односно жена и кукла) кои првин не можат да се согласат дали е ова најдобрата Кока-Кола некогаш, за на крај да заклучат дека мора да пробаат сами за да дознаат.
„Слоганот на камапањата “Најдобрата Кока-Кола некогаш?” им комуницира на фановите дека ние константно иновираме за да го подобриме овој рецепт и понатаму и да им ги понудиме вкусовите кои ги бараат. Притоа, се работи за отворено прашање, бидејќи сакаме да ги охрабриме фановите да пробаат за себе“, посочил претставник на Кока-Кола за магазинот The Drum.
Покрај спотовите, кампањата ќе вклучува и други бројни активности на радио, во продавници, out-of-home, дигитални реклами, активности на социјалните медиуми, како и реклами во рамки на различни спортски настани.
Кампањата е создадена со помош на агенцијата McCann.