Вториот ден на Beselworld 2018, уште еднаш ни покажа зошто овој настан се смета за врвот во индустријата на часовници и зошто и покрај сите предизвици, Baselworld останува најрелевантен кога станува збор за највредното во светот на гламурот и луксузниот живот.
Слично како и новитетите од првиот ден за кои пишувавме претходно на Маркетинг365 и во вториот ден имавме можност да посведочиме на промоции од кои запира самиот здив а моделите кои беа презентирани уште од денеска ќе почуваат да ја брануваат “часовничарската“ јавност. Еден наслов во светските медиуми доволно ја опишува радоста кога ќе се појават новите спектакуларни модели: “Тоа што е Дизниленд за децата – е Baselworld за љубителите на часовници“
Tudor – Black Bay Fifty-Eight
Очигледно е дека Black Bay серијата е “омиленото дете” во фамилијата Tudor. Оваа година,брендот го претстави својот најнов додаток кон оваа едиција во форма на моделот Black Bay Fifty-Eight, именуван според годината во која Tudor го лансираше својот прв нуркачки часовник – ‘Big Crown’ Ref. 7924.
Она што е највпечатливо за овој модел се неговите помали димензии со цел поголема удобност за луѓето кои имаат помали зглобови. Со неговиот дијаметар од 39 милиметри, овој часовник претставува враќање во времето на 1950-те кога часовниците биле типично помали. Она што исто така привлекува е неговиот впечатлив црно-сив металик дизајн, акцентиран со златната боја на стрелките и бројките.
Со овој модел, Tudor го претстави и својот нов механизам MT5402 кој нуди и до 70 часови на резервна енергија.
Breguet – Marine Chronographe 5527
Како наследник на моделот Marine Equation Marchante 5887, новиот Marine Chronographe 5527 од Breguet го поедноставува ултра-комплексниот занаетчиски атлетицизам на својот претходник во нешто многу „повкусно“.
Ако Marine Equation Marchante 5887 предизвикуваше чудење со својата комплексност, Marine Chronographe 5527 плени со својата рачно работена убавина со гравирани брановидни мотиви и светло полирани елементи кои ги акцентираат “кралските” квалитети на часовникот. Но, тој не е само “убав моден детал”. Во неговото тешко куќиште од 42.3 милиметри се наоѓа и моќен, робустен автоматски механизам.
Breitling – Navitimer 1 Automatic 38
Откако Џорџ Керн застана на чело на Breitling, компанијата се насочи кон производство на часовници за поширокиот пазар, а од тоа не отстапува и новиот Navitimer 1 Automatic 38. Моделиран врз база на постариот Ref. 66, часовникот има дијаметар од 38 милиметри со цел добро да стои и на женскиот и на машкиот зглоб и доаѓа во две варијанти – црна и сина, со усогласена позадина и ремче од алигаторска кожа. Часовникот го задржува веќе докажаниот Breitling Calibre 17 механизам кој нуди 40 часови на резервна енергија. Часовникот може да се купи по релативно пристапна цена од 5,950 долари.
Omega – Dark Side Of The Moon ‘Apollo 8 50th Anniversary’
Откако првиот Speedmaster Dark Side of The Moon произведен од Omega во 2014 година оствари особен успех, јасно беше дека ќе има и “втор дел” – Dark Side Of The Moon “Apollo 8 50th Anniversary”, кој ќе биде достапен во сива, бела и класична црна варијанта.
Дизајнот ја комеморира 50-годишнината од истражувачката мисија Аполо 8 преку позадина која го имитира површинскиот изглед на месечината и познатиот цитат“We’ll see you on the other side”(Се гледаме на другата страна) од пилотот на мисијата, испишан странично на керамичкото куќиште. Часовникот работи врз рачно изработениот механизам Calibre 1869, базиран врз легендарниот Calibre 1861.
Blancpain – Villeret Tourbillon Volant Heure Sautante Minute Rétrograde
На овогодинешниот Baselworld, брендот Blancpain го претстави најновото дополнување на класичната Villeret серија преку часовник кој се истакнува по својот визуелен изглед со ретроградни бројки, исклучително привлечниот “летечки” турбилон кој изгледа како да лебди во воздух и полираните златни прстени кои ги опкружуваат стрелката и турбилонот. Целиот дизајн од претходните модели во серијата е поедноставен сé со цел да се стави акцент на турбилонот. Часовникот ќе го корисит механизмот Calibre 260MR. Покрај златната верзија на моделот, ќе биде произведена и лимитирана серија од 20 часовници изведени во платина.