Најголемите 11 македонски специјализирани ПР агенции минатата 2018 година, оствариле вкупни приходи од речиси 2,6 милиони евра, што претставува зголемување од 7,5% споредено со годината пред тоа.
Тимот на Маркетинг365, анализирајќи ги завршните сметки на следниве агенции (подредени по азбучен ред): Апра Портер Новели, Априори, Вај Нот Комуникации,Елемент ПР, Идеа Лаб, Имиџ ПР, Навигаторс, Прогресива ПР и Медиа, Репрезент Комуникации, Ханибиз и Чептер 4 дојде до бројката на вкупни приходи за 2018 година од 159,504,472 денари или 2,593,568 евра.
Колку за споредба, во претходната 2017 година, истите овие 11 специјализирани ПР агенции оствариле вкупни приходи од 2,4 милиони евра.
Вкупните расходи на погореспоменатите ПР агенции во 2018 година изнесуваат 139,652,068 денари или 2,2 милиони евра.
Ако се анализира поединечно успехот на секоја од ПР агенциите, може да се забележи дека 7 од овие 11 ПР агенции оствариле зголемување на своите приходи споредено со претходната година.
Ако сакаме да направиме сеопфатна проекција на целиот ПР “колач” во Македонија за 2018 година, неопходно е да се имаат во предвид и приходите остварени по основ на ПР услуги и на останатите комуникациски full service агенции кои имаат свои ПР тимови што вклучуваат понуда за односи со јавност (во прв ред Меккен Скопје, ММС Комуникации Скопје (Публицис), Њу Момент, P World и Маркет Висион), но од чии биланси е невозможно да се оддели делот кој отпаѓа на ПР (бидејќи нивните приходи се прикажани како вкупен износ од сите наплатени услуги меѓу кои и подготовка на креативи, продукција, медиа планирање, медиски закуп, дигитал итн).
Наша слободна проценка имајќи ги во предвид акаунтите за кои овозможуваат поддршка и проектите за кои сме имале информации е дека на основ на ПР услуги, full service агенциите остваруваат дополнителни 400 до 500 илјади евра, што во тотал целиот македонски ПР пазар за 2018 би го естимирале на околу 3,1 милиони евра.