Агенцијата за истражување и консалтинг Инсајдер ИД, го спроведе истражувањето “Преферирани ланци на маркети и Најпознати брендови 2024-та година” кое е спроведено на репрезентативен примерок од 1,150 активни потрошувачи на територија на целата држава со користење на персонални интервјуа. Врз основа на податоците, веќе 6-та година по ред агенцијата прогласува Овогодинешното истражува анализа најпознати брендови според потрошувачите во 15 различни категории на производи.
Истражувањето за Најпознати брендови во 2025 година, има за цел дефинирање на позициите на брендовите согласно перцепцијата на потрошувачите. Позицијата всушност го рефлектира влијанието на маркетинг и промотивните активности преземени од компаниите и насочени кон различни таргет групи во текот на изминатата година. Во услови на интензивна конкуренција и значителни промени на пазарот за широка потрошувачка, поставувањето на брендот на првата позиција кај потрошувачите преставува значителен успех за компаниите. Препознатливоста на брендот е базичен елемент за успех и повисока позиција во секторот за широка потрошувачка. Компаниите треба да го имаат предвид влијанието на брендот врз одлуката на потрошувачот особено бидејќи се работи за високо конкурентна индустрија која е под влијание на промени.
Анализата на 15 различни категории каде потрошувачите имаат избрано во дел од категориите до 19 различни брендови е уште еден показател за високата конкурентност на пазарот. Истото значи дека потрошувачите се под константно влијание од различни маркетинг и промотивни активности кои имаат за цел да создадат свесност и да го позиционираат брендот на највисоко ниво во свеста на потрошувачот. За да се согледа размислувањето на потрошувачите, истите одговараат на прашањето “Кој е според Вас најпознатиот бренд во категоријата XY?”.
Анализирани се следните 15 категории на производи: Млеко, Јогурт, Кашкавал, Сирење, Сувомеснати производи, Чоколадо, Вино, Здрава храна, Јаткасти Производи, Флипс, Традиционално (Турско) кафе, и алкохолните пијалаци Виска/Бурбон, Водка и Џин. Во минатогодишното истражување изземени се категориите Газирана/Негазирана Вода, Природни Сокови, Пиво и Сладолед.
Резултатите кај најголем дел од брендовите прикажуваат стабилно учество со умерени промени во споредба со минатогодишните истражувања. Тоа што е од интерес е дека самите брендови се немаат променето, односно идентичните се
Во истражувањето се анализира и кои се брендовите кои потрошувачите ги преферираат и кои воопшто ги купуваат. За дел од категориите се добиени интересни информации, бидејќи има брендови кои што се најпознати, но не се примарниот избор при купување, или пак има голема дисперзија на купувањето помеѓу голем број на брендови. Всушност, се потврдува фактот дека не е важно само брендот да е познат за да биде пазарен или да изгради лојалност помеѓу потрошувачите.
Млеко и Јогурт
Како и претходните години, и во 2025 година, во категориите Млеко и Јогурт нема поместување во однос на прво позиционираните брендови. Битолска Млекара со брендовите Битолско Млеко и Битолски Јогурт бележат највисоко учество кое надминува 40%. По намалувањето на учеството во истражувањата од 2020 до 2023-та година, учеството во годинешното истражување се стабилизира на приближно идентично учество како и во 2024-та. Категоријата е изразено интензивна и ценовно сензитивна (од аспект на производител), каде се позиционирани повеќе од 21 различни брендови, што посочува дека свесноста за брендот е една од клучните алатки за конкурирање. Битолска Млекара од тој аспект остварува значителни резултати, бидејќи 6 години успева да одржи висока позиција во свесноста на потрошувачите.
Кашкавал и Сирење
Во третата категорија Кашкавал, првиот бренд односно брендот Здравје Радово кој бележи 13%. Оваа категорија е меѓу најконкурентните бидејќи потрошувачите имаат избрано повеќе од 23 брендови. Со тоа се потврдува заклучокот и од претходните години дека еден бренд го нема доминантното учество на пазарот туку потрошувачите преферираат различни брендови. За категоријата Сирење, на прва позиција е повторно Здравје Радово со 22%, идентично како и во 2024-та година, но исто како и во претходната категорија, одговорите на потрошувачите се значително дисперзирани што посочува на голема конкуренција помеѓу брендовите.
Тоа што е интересно за категоријата е дека при длабинска анализа на другите податоци од истражувањето, како кој бренд се купува и преферира, позициите на повеќе брендови се приближно изедначени, што посочува дека иако Здравје Радово има мала предност пред конкуренцијата во свесноста, кај реалното пазарење има сериозни предизвици да ја одржи првата позиција.
Сувомеснати производи
За категорија Сувомеснати производи, повторно за најпознат се позиционира Златиборац со 31%, што е зголемување на учеството за 6% во споредба со претходната година. Како и за категориите на кашкавал и сирење така и кај сувомеснатите, конкуренцијата е интензивна бидејќи се застапени голем број домашни и странски брендови кои имаат високо учество. Пример, домашните брендови Пекабеско, Екстра Меин и МИК Свети Николе кај анализата за тоа кои брендови се купуваат, имаат приближно еднакво учество (или повисоко) од прво позиционираниот според свесноста Златиборац.
Чоколадо
За категорија Чоколадо, брендот Милка ја потврдува највисоката позиција во категоријата со 44%, меѓутоа бележи зголемување на свесноста од 10% во споредба со процентуалното учество во 2024 година. Се забележува дека покрај првата позиција, постојат осцилации во учеството на брендот споредбено низ годините. Милка во категоријата чоколадо ја задржува доминантната позиција и според другите критериуми (преферирање, пазарење и сл.) што посочува дека брендот има континуитет во свесноста и пазарењето, без оглед што има значителна конкуренција на пазарот.
Вино
Во категоријата Вино повторно се издвојува Тиквеш како доминантен пазарен лидер со учество кое надминува 50%. И покрај осцилациите од првото истражување во 2020-та година до годинешното, Тиквеш има континуирано учество во свесноста на потрошувачите која надминува 50%. Тоа што е интересно е дека конкуренцијата во категоријата значително се има зголемено во претходниот период, пред се преку зголемување на бројот на домашни винарии кои ги пласираат своите брендови во маркетите.
Здрава Храна
Виталија ја задржува позицијата како најпознат бренд во Здрава Храна, 6-та година по ред и во 2025 година остварува учество од 47%. Забележаното учество е всушност зголемување во споредба со претходната година за 11%, што укажува на тоа дека Виталија со своите маркетинг и продажни активности ја подобриле перцепцијата кај потрошувачите и уште повеќе ја зацврстиле својата прва позиција. Препознатливоста е значително висока што укажува и на доминантно учество од аспект на продажба и преференца помеѓу потрошувачите.
Традиционално (турско) кафе
Во категоријата Традиционално (Турско) Кафе, Гранд Кафе е повторно најпознат бренд со учество приближно идентично како и во 2024-та од 30%. Категоријата во 2024/25 се соочи со големи предизвици, од кои најголемиот е зголемувањето на цената на суровините и репроматеријалите, што директно влијае на финалната цена на производот. Следствено, промената на цените го промени и начинот на однесување на потрошувачите, кои иако препознаваат или преферираат едни брендови, пазарат тие кои што сметаат дека цената им е поконкурентна.
Флипс и Сончогледово Масло
Компанијата „Витаминка“, во 2025 година ги има најпознатите брендови во категориите Флипс со Стоби Флипс (84%) и Сончогледово Масло со Брилијант (47%). Во првата категорија, брендот Стоби Флипс остварува речиси изедначено учество со претходната година меѓутоа сеуште го има највисокото учество во споредба со сите останати категории. Во врска со позицијата на Брилијант, се забележува зголемување на учеството за 4% во споредба со 2024 година. Податоците укажуваат дека домашната компанија има силно и позитивно учество помеѓу македонските потрошувачи.
Јаткасти производи
Кај категоријата Јаткасти производи, втора година по ред се позиционира Бако Компани со 34% учество кое е идентично како и во 2024-та. Тоа што е од интерес е дека и покрај високата свесност, Бако Компани има сериозна конкуренција која бележи сериозни резултати, како брендот на Чезакомерц – Нутини.
Алкохолни пијалаци
Во новите категории на производи, Виски/Бурбон, Водка и Џин кои се анализирани за прв пат во годинешното истражување забележлива е солидна препознатливост на дел од брендовите. Имено, кај Водка, доминантната позиција ја има “Smirnoff” со 42%, следен од “Gordons” во категоријата Џин со 35%. И двете категории се високо интензивни, со голем број на позиционирани брендови. Со најниско учество е “Jack Daniels” со 24% во категоријата Виски/Бурбон. Деталната анализа за дел од нив посочува дека и покрај високата препознатливост, потрошувачите купуваат значителен број на различни брендови што го намалува реалното пазарно учество на најпрепознатливите брендови во категориите.
Истражувањето “Преферирани ланци на маркети и најпознати брендови” е нарачано, финансирано и спроведено од агенцијата за истражување и консалтинг Инсајдер ИД. Истото е авторско право на Инсајдер ИД, и секакво споделување или користење без претходно писмено одобрување од агенцијата е забрането. За повеќе информации во однос на истражувањето контактирајте на info@insider.mk или +38971210471.

















