Минатата недела, со свечена церемонија во Белград беше прославен 120-от роденден на српскиот дневен весник „Политика“ – најстариот дневен весник на Балканот кој сè уште се издава и печати.
На настанот присуствуваа видни гости од јавниот живот на Србија, вклучувајќи претставници на Владата, Српската академија на науките и уметностите, Српската православна црква, Матицата на иселениците, членови на дипломатскиот кор, успешни спортисти и културни работници.
На настанот одржан во салата на објектот „Задужбина Илије М. Коларца“, пред присутните говореа директорката на „Политика“, Мира Глишиќ Симиќ, и в.д. главниот уредник Марко Албуновиќ. На настанот беше прикажан и краток документарен филм за богатата историја на весникот, по што следуваше сценски настап на помладите ученици од ОУ „Јован Стерија Поповиќ“ од Нов Белград.
Првиот број на „Политика“ бил испечатен на 25 јануари 1904 година (12 јануари по стар стил), а негов основач бил српскиот новинар од словенечко потекло Владислав Ф. Рибникар, кому потоа му се придружиле и неговите браќа Дарко и Слободан.
„Изразувам благодарност и длабока почит до сите читатели, меѓу кои има многу за кои нашиот весник е секојдневна навика без која не можат, како и до оние кои го делат верувањето дека е најважно да се зачува традицијата за иднината. За крај, би сакала да ги споделам со вас зборовите на сопственикот и директор Дарко Рибникар, објавени во „Политика“ во далечната 1929 година: „На сегашните сопственици и уредници е да ја бранат и заштитат правдољубивата слобода на „Политика“, исполнувајќи го со тоа заветот што го добија од нејзините основачи, браќата Рибникар, кои за својата љубов спрема народот и за таа благородна идеја ги дадоа и своите животи“ – заклучи на крајот од својот говор Мира Глишиќ Симиќ, актуелна директорка на „Политика“.