Огласувачкиот пазар во Бугарија продолжува да расте, иако со забавено темпо, покажуваат податоците на Бугарската асоцијација на комуникациски агенции (БАКА).
Во 2022 година, инвестициите за огласувачки цели пораснале за 9,5%, достигнувајќи вкупна вредност од 569,2 милиони лева, односно 291 милиони евра. За споредба, годината претходно растот на огласувачкиот пазар изнесувал 14.2%.
Според актуелните проекции, се очекува дека растот во 2023 година ќе се намали уште повеќе – на 6,6% во споредба со 2022 година. Сепак, експертите очекуваат закрепнување на пазарот почнувајќи од следната 2024-2025 година.
Како причини за забавениот раст во моментот се наведуваат непредвидливата економска и геополитичка ситуација, односно високата инфлација и војната во Украина кои предизвикуваат општа макроекономска несигурност во регионот.