Јапонската тенисерка Наоми Осака е интроверт кој се повлече од Ролан Гарос и Вимболдон од причини поврзани со менталното здравје, но на претстојните Олимписки игри важи за еден од фаворитите за златниот медал.
„Луѓето мислат дека сум тивка. Различна. Дека не ги исполнувам очекувањата за тоа каков треба да биде некој Олимпиец. Но, јас сум доказ дека дефиницијата е поширока од тоа што луѓето го мислат“ – истакнува 23-годишната тенисерка, која во новиот спот за Олимписките игри ги охрабрува младите девојчиња да ги прифатат своите различности.
Спотот отпочнува со сервис на Осака, по што следи колаж од снимки од нејзиниот приватен живот и професионални игри, заедно со снимки од млади девјчиња кои неуморно тренираат во различни спортови.
„Сакам да ги инспирирам девојчињата кои гледаат сега. Оние за кои некои луѓе мислат дека се премногу различни. Премногу тивки. Премногу нешто.“ – посочува Наоми Осака во краткиот филм, додавајќи: „И доколку не ги исполнуваме очекувањата за тоа како луѓето сметаат дека треба да бидеме, добро е. Тоа значи деке ние сме тие што [тие очекувања] ќе ги промениме“.
Видео спотот претставува најновото продолжение од пошироката кампања на Меѓународниот олимписки комитет, насловена “Stronger Together” („Посилни заедно“), во која досега се појавија легендарните спортски имиња на спринтерот Усеин Болт и скејтбордистот Тони Хок.