Сите знаеме по некој пријател(ка) кој(а) додека пиете кафе може наеднаш да почне да зборува за сончевиот систем, галаксии и црни дупки и многу веројатно поседува керамичка чаша со логото на NASA. Епа сега, по повод 60 години од своето основање, NASA во соработка со платформата AstroReality (едукативна Augmented Reality („изменета реалност“) платформа за вселената), создадоа чаша која би била одличен подарок за следниот роденден на овие пријатели.
Се работи за чаша преку која, со помош на вашиот мобилен телефон и апликацијата AstroReality Explorer, може да гледате висококвалитетни сателитски снимки од Земјата како да се наоѓате на Меѓународната вселенска станица. Замислете, си пиете кафе и наместо потоа да ја претскажувате иднината во талогот, ќе гледате вселенски снимки од Амазонската прашума, Хималаите, националните паркови во Исланд или некое друго место од 500 милиони квадратни километри на Земјината површина.
Чашата е изработена од „премиум“ керамика, со невообичаена „апстрактна“ форма инспирирана од вселенските летала и може да се купи за 29.99 американски долари преку Amazon. За жал, нема испорака до Македонија, но можеби некој ќе се инспирира да направи нешто слично за нашиот пазар. :)