Рекламите се насекаде, на Facebook, YouTube, Twitch, а ги има и во игрите за мобилни телефони. Досега немало само во игрите што се играат на конзоли, но тоа може наскоро да се промени.
Сè може да се претвори во пари. Ова е токму идејата од која тргна компанијата наречена playerWON, која се опишува како единствена платформа за рекламирање во видео игри.
Досега таа има потпишано договори со ЕА и Hi-Rez, а идејата е во нивните игри да им донесе реклами кои потсетуваат на оние кои се прикажуваат на телевизија.
Технологијата се тестира веќе една година, а креаторите веруваат дека се подготвени рекламите да ги имплементираат во видео игрите. Тие ја оправдуваат идејата со тоа што рекламите не стигнуваат до помладата публика, која одамна се откажа од традиционалните медиуми.
Резултатите од тестирањето покажуваат дека играчите биле подготвени да гледаат реклами кога тоа ќе им донесе одредени придобивки во играта, слично како во рекламите за игрите на мобилни телефони кои им даваат дополнителни поени, ’животи’ и други додатоци што корисниците ги толкуваат како корисни.