Breitling, бренд познат по своите хронографи и силни врски со воздухопловството, лансираше нова колекција на пилотски часовници: Navitimer 8. Осумката доаѓа од името на Huit Aviation Department, оддел во компанијата основан во 1938 година за производство на авионски инструменти и пилотски часовници за цивилна и воена употреба. Во тоа време, Вили Брајтлинг го одбрал името „Huit“, францускиот збор за бројот „осум“, како референца за осумдневната резерва на енергија што ја имале произведените авионски инструменти.
Жорж Керн, генералниот извршен директор на Breitling, е особено возбуден за новата колекција: „Со Navitimer 8 оддаваме почит не само на нашето богато наследство, туку и на нашата пионерска улога во производството на хронографски инструменти. Но, иако колекција Navitimer 8 оддава почит на нашето минато, таа прави и нешто што е многу поважно: ги отвора вратите кон една многу возбудлива иднина.“
Мост помеѓу минатото и иднината
Колекцијата Navitimer 8 е составена од пет различни модели кои се достојни наследници на богатата воздухопловна традиција на часовничарскиот бренд, засновајќи се врз дизајнерската генетика на Breitling, влечејќи силни влијанија од техничките карактеристики на првите авио-инструменти и пилотски рачни часовници и посветеноста кон квалитетот на работниците од Huit Aviation Department.
Вреди да се напомене дека Huit Aviation го изгради сопственото реноме за квалитет преку ригорозно тестирање на своите производи. Секој од произведените инструменти бил подложен на екстремни температури и вибрации, пред да биде проверена неговата хронометарска прецизност со осцилоскопи. Посветеноста на Одделот кон квалитетот била многупати наградувана, привлекувајќи го вниманието на воените авијации, вклучително и на Кралското воено воздухопловство на Обединетото Кралство кое набавило голем број Huit Aviation хронографи во предвечерието на Втората Светска Војна.
Продолжување на богата традиција
Секој од петте нови модели во колекција изразува специфичен дизајнерски код, осмислен до најмалите детали, со висока вредност на препознатливост. Креативниот директор на Breitling, Ги Буве, кој целосно се внел во дизајнот на авио-инструментите од контролните табли и рачните часовници во производство на Huit Aviation Department, опишувајќи ја инспирацијата позади надворешниот дизајн на Navitimer 8, вели: „Со Navitimer 8 сакавме да создадеме часовник кој е во линија со нашата визија за иднината на брендот, но истовремено оддава почит на славните Breitling часовници од дваесеттиот век. Од дизајнерска перспектива, колекцијата се наоѓа во уникатна позиција помеѓу авио-инструментите на Huit и познатиот Navitimer.“
Воскреснување на дизајнерски вредности
Новите часовници воскреснуваат некои од дизајнерските вредности на воздухопловните инструменти на Huit Aviation Department, особено кај бројчаниците и прстенот, како и на иконичниот пилотски часовник Reference 768, со ротирачки прстен и препознатливиот триаголен покажувач кој станал омилен меѓу пилотите. Исто важни се и светлите стрелки наспроти црниот дисплеј, комбинација која нуди лесна читливост во сите услови на светлина, и исто така допринела кон воздухопловното наследство на Breitling. Часовниците од Navitimer 8 го одразуваат бескомпромисниот дух на таа мината ера.
Почнувајќи со впечатливото куќиште, со типичните врежани цртки на рамката, контрастните сатенски и полирани површини и уметнички обликуваните навртки – уште на првиот поглед оддава привлечен спој на спортското и елегантното. За типографијата на големите луминисцентни арапски бројки присутни на бројчаниците на сите модели од колекцијата, Ги Буве извлекол инспирација од стилот на првите пилотски часовници, вклучувајќи го и Reference 768. Малите триаголници и долгите маркери за минути од т.н. „минутна железничка пруга“, исто така потсетуваат на раните рачни модели на Breitling, како и луминисцентните скелетизирани стрелки за часот и минутите, при што должината на втората стрелка прецизно се израмнува со индексирањето на бројчаникот. Наклонот на стрелките додава уште еден степен на софистицираност и сјај.
Секој од моделите во колекцијата Navitimer 8 е отпорен на вода до 10 bar (100 m). Нивните бројчаници се видливи преку сафирно-кристални стакла со анти-рефлектирачки премаз од двете страни. Хронографите во колекцијата нудат резервна енергија од 40 до над 70 часа, зависно од моделот и движењето.
Двонасочен ротирачки прстен
Ротирачкиот прстен, кој има стаклен раб и практичен покажувач, бил еден од неопходните елементи на поранешните пилотски рачни часовници, со и без хронограф. Сличен двонасочен ротирачки прстен е одлика и на новите часовници од колекцијата. Носителот лесно може да мери кратки временски интервали така што ќе го позиционира покажувачот на соодветно растојание пред и после стрелките. Стаклениот раб има вкупно 60 мали вдлабнувања – по едно за секоја минута.
Светлината што ја рефлектира закосениот прстен на часовникот му дава спортски изглед и го нагласува суптилниот дизајн.
Како класичен пилотски часовник и навигациски инструмент, Navitimer 8 е горд член на најпознатото семејство на рачни часовници на Breitling. За овие модели, брендот се фокусираше на оптимална читливост и функционалност, влечејќи инспирација од воздухопловните инструменти и славните хронографи од 1930-те и 1940-те.
Претставување на моделите:
- Navitimer 8 B01
Моделот Navitimer 8 B01 се движи со помош на механизмот Breitling Manufacture Caliber 01. Овој автоматски, 43-милиметарски часовник има повеќе од 70 часа резервна енергија. Дисплејот има 30-минутни и 12-часовни бројчаници и прозорец која ја покажува датата. Navitimer 8 B01 е врвот на новата колекција и е достапен во две верзии: со куќиште од нерѓосувачки челик со црн или син дисплеј, и со 18-каратно златно куќиште со бронзен дисплеј. И двете верзии доаѓаат со карактеристичниот дизајнерски елемент на контрастни поддисплеи. Може да се носи со ремче од нерѓосувачки челик или ремче од алигаторска кожа. COSC-сертифицираниот хронометар има транспарентна сафирна заднина.
- Navitimer 8 Unitime
Овој модел е дизајниран за интернационалните патници. Автоматскиот часовник нуди и индикатор за „светско време“ преку независна стрелка која може да се прилагодува. Во срцето на COSC-сертифицираниот хронометар се наоѓа механизмот Breitling Manufacture Caliber B35, кој нуди повеќе од 70 часа резервна енергија. Navitimer 8 Unitime има 43-милиметарско куќиште од нерѓосувачки челик и ротирачка рамка, транспарентен сафирен заден дел и ремче од алигаторска кожа. Дисплејот може да биде црн или сребрен.
- Navitimer 8 Chronograph
Моделот Navitimer 8 Chronograph има 30-минутни и 12-часовни дисплеи кај 12 и 6 часот, заедно со мала стрелка за секунди кај 9 часот. Тој е прецизен до четвртина од секундата. COSC-сертифицираниот механизам Breitling Caliber 13 е моторот на овој часовник и има резерва на енергија од 42 часа. 43-милиметарското куќиште може да биде од нерѓосувачки челик, со кожно ремче или нерѓосувачка белегзија, или од челик обложен со DLC (слој од аморфен „дијамантовиден“ јаглерод), со кожно ремче. Navitimer 8 Chronograph има цврста зашрафена заднина.
- Navitimer 8 Day & Date
Покрај времето, моделот Navitimer 8 Day & Date ја покажува и датата, позиционирана кај 6 часот, и денот во неделата, кај 12 часот. Автоматскиот часовник се движи со помош на механизмот Breitling Caliber 45, кој обезбедува преку 40 часа резервна енергија. Дисплејот, кој може да биде во црна или сина боја, се наоѓа под двојно анти-рефлектирачко стакло. Куќиштето од нерѓосувачки челик има дијаметар од 41 милиметар и цврсто зашрафен заден дел. Доаѓа со кожно ремче.
- Navitimer 8 Automatic
Моделот Navitimer 8 Automatic и исказ на стил. Тој е директен наследник на легендарните Breitling часовници од 1930-те и 1940-те. Внатре во нерѓосувачкото куќиште се наоѓа механизмот Breitling Caliber 17, кој нуди повеќе од 40 часа резервна енергија. Дисплејот може да биде црн или син. COSC-сертифицираниот хронометар со дијаметар од 41 милиметар има цврсто зашрафен заден дел и се нуди во варијанта со белегзија од нерѓосувачки челик или кожно ремче.