Зимските олимписки игри 2022, кои се одржаа во Пекинг, Кина, привлекле рекордно најниска гледаност меѓу американската публика, објави телевизијата која ги пренесуваше – NBC.
Гледаноста на овогодишните игри паднала за 42% во однос на претходните Зимски олимписки игри во 2018, одржани во Пјонгчанг, Јужна Кореја. Според NBC, во просек околу 11.4 милиони Американци ги следеле игрите во прајмтајм, далеку помалку од 19.8 милиони гледачи во просек за време на игрите во 2018.
Ситуацијата со Летните олимписки игри кои се одржаа минатата година исто така не беше сјајна. Нив во просек ги гледале 15.1 милиони телевизиски гледачи во САД за време на прајмтајм.
Од NBC велат дека за време на целокупното траење на Зимските игри во Пекинг, од 4 до 20 февруари, телевизијата привлекла вкупно 160 милиони гледачи на сите свои платформи, вклучувајќи го и стриминг-сервисот Peacock.
За споредба, 56-то издание на NFL Super Bowl (финалето на националната лига во американски фудбал) привлекла 99 милиони луѓе за една вечер, а од нив 24 милиони продолжиле да го следат олимпискиот пренос кој се надоврзал по завршувањето на Super Bowl.
Медиската компанија NBCUniversal платила 7.75 милијарди долара за правата да ги пренесуваат на американскиот пазар сите Олимписки игри до 2032 година. Следни се Летните олимписки игри во 2024 година, кои треба да се одржат во Париз, Франција.