По повод Меѓународниот ден на жената – 8 март, одделот за козметика на францускиот луксузен бренд Yves Saint Laurent ги субверзира вообичаените теми на луксузниот адвертајзинг.
Краткиот филм насловен „Don’t Call It Love“ („Не го нарекувај љубов“) прикажува една навидум идилична и елегантна париска романса, составена од низа прекрасно изработени сцени: гламурозна забава, романтична прошетка и интимни моменти.
Но, како што напредува приказната, почнува да се чувствува одредена нелагодност. Во завршните сцени, филмот нагло запира, поставувајќи прашање: „Дали видовте знаци на злоупотреба во овој филм?“. Наративот потоа се премотува наназад, откривајќи ги знаците на злоупотреба во секоја сцена, скриени пред очи: контрола, минупулација, следење, љубомора, изолација…
„Господинот Сен Лоран секогаш беше посветен на ослободувањето и еманципацијата на жените. Во духот на тогашното време, тој ги кршеше табуата, ги предизвикуваше конвенциите преку смели дизајни и се залагаше за ослободување од родовите конвенции. Овие вредности се длабоко вкоренети во наследството на брендот. Во согласност со ова, оснажувањето на жените е срцето и смислата на YSL Beauty. Насилството помеѓу интимните партнери се коси со слободата, силата и оснажувањето на жените и затоа е во директна спротивност со нашите вредности“ – објаснува Манон Ергин, потпретседателка за глобални комуникации и имиџ во Yves Saint Laurent Beauty.