Брендот за спортска опрема Nike лансираше нова реклама насловена “You Can’t Stop Us” („Не можете да нé запрете“), која се совпаѓа со враќањето на кошаркарската НБА лига.
Спотот, чиј наратор е американската фудбалерка Меган Рапино, го слави спортот како извор на инспирација и промени. Рекламата вклучува снимки од 53 спортисти кои се натпреваруваат во 24 различни спортови, вклучувајќи ги и ЛеБрон Џејмс, Кристијано Роналдо, Серена Вилијамс, Колин Каперник и Килијан Мбапе.
Затворените теретани и празните стадиони не ги запреа спортистите да одат напред и да ги користат своите платформи со цел да поттикнат промени. Преку ваквите акции, спортот покажува што значи да се игра на еднаков терен и нé потсетува дека подобра иднина е возможна, се посочува во соопштението на Nike по повод лансирањето на рекламата.
„Играчите можеби се вратија на терените, но ние нема да се вратиме на старата нормала. Ние мора да продолжиме да го реобмислуваме светот и да го направим подобар,“ истакува нараторот на рекламата Рапино.