Направен од искористена, рециклирана пластика и произведен со 3Д принтери, додатокот Fortum Vipu ви овозможува да ја отворите вратата со својата подлактица.
Дури и во оваа ера на карантин, ретко е можно да се избегнуваат површини и јавни места во потполност. Одењето во продавница или аптека за време на пандемијата COVID-19 нè потсетува колку често мораме да ги допираме работите со нашите раце – или да станеме креативни со нозете и лактите.
За да се испочитуваат мерките на „помалку директен контакт на кожата со површините“, агенцијата TBWA од Хелсинки дизајнираше едноставен и паметен уред што им овозможува на посетителите да ги отвораат вратите кога влегуваат во згради или продавници, без да ја допираат кваката на вратата со своите раце.
Направен од искористена, рециклирана пластика и произведен со 3Д принтери, додатокот Fortum Vipu овозможува да ја отворите вратата со својата подлактица.
Уредите се направени од Fortum Circo, прилагодлив и рециклирачки материјал, изработен од пластичен отпад, како амбалажа за широка потрошувачка. Името Vipu е кратенка за “единица за превенција на вируси” (virus prevention unit).
„За да помогнеме во борбата против КОВИД-19, нашата интеракција со околината треба да биде без допир. Со иновирање на нашето опкружување, можеме да го спречиме ширењето на вирусот и да им дадеме на луѓето можност посигурно да ги извршуваат своите дневни обврски. Во моментов тестираме 3Д печатени кваки за врати во реално опкружување, кое ќе потрае неколку недели и ако сè оди според планираното, подготвени сме да го прошириме нашето производство“, изјави бренд менаџерот на Fortum, Џуси Малкиа.
Уредот во моментот се тестира на различни локации, а податоците и повратните информации од тестирањето ќе бидат проследени за следните чекори во развојот на производот, велат од агенцијата.