Автор: Неда Темелковска Аницин, ПР експерт во Чептер4, дипломиран психолог, магистер по социјална работа
Во ПР-от едноставно, мора подеднакво да ви работат и двете хемисфери, десната (креативна) и левата (аналитична). Едната без друга не може. Како што секој еден ПР професионалец треба да биде убедлив, ефективен и мотивациски настроен, токму такви треба да бидат и неговите комуникациски стратегии: убедливи, ефективни, мотивациски.
Иако за да се практикува пр-от потребна е дарба, сепак повеќето од нештата се учат. Но, за да се научат, секој професионалец на почетокот од својата кариера треба прво да се позанимава со себе, па со околината и на крај со работата. Значи потенцирам, знаењето за работата доаѓа на крај. И слободно можам да кажам дека ова важи за секоја една професија.
Психологијата е најапликативната наука. Ја има секаде, и доколку се научи да се практикува таа е од многу голема помош.
Од наука која некогаш имаше јасно дефиниран единствен предмет на проучување, психологијата денес напредува до статус на широко разгранета област која има удел во голем број дејности. Зошто? Затоа што во центарот на секоја област се наоѓа човекот, односно неговата психа, но секако зависно од контекстот и областа во чијашто служба се наоѓа психологијата.
Односите со јавноста, како дел од областа на маркетингот, се во многу тесна врска со психологијата: Агенцијата се ангажира за да направи сè што е потребно компанијата, брендот, производот или личноста да изгледа добро и да се претстави во своето најдобро светло. Во целиот тој процес има многу психологија: дефинирањето на потребите на клиентот, одредувањето на целите кои треба да се оставарат, креирањето на стратегијата, практичната реализација на активностите.
Штом клиентот ве ангажира како Агенција, или поединец, сеедно, тој има некаква потреба, сака да оствари некаква цел. Сака да ви го каже проблемот, но не докрај затоа што се плаши да не се разоткрие, а од друга страна свесен е дека ако не го каже проблемот, вашата стратегија ќе отиде во друг правец… и сл. Некои пак едноставно незнаат да го дефинираат својот проблем, па тоа го бараат од вас како професиналец. Она што вам како професионалец ќе ви помогне во вакви ситуации е знаењето на тоа како работи човековиот мозок, кое однесување каква порака испраќа, какво значење имаат емоциите, што значат одредени реакции…а знаењето за пр-от доаѓа до израз дури после сево ова. Вие иако надворешно лице, треба и мора да „станете дел од компанијата и нејзиното работење“, доколку сакате да остварите успех и да го направите клиенотот среќен и задоволен што ве ангажирал. Тоа значи да навлезете во сржта на организацијата, луѓето и процесите. Вака навидум едноставно, но макотрпно. Затоа е потребно да се практикува психологијата.
Психологијата ќе ви помогне дури и во вашиот креативен процес, на пример како да ја осмислите комуникациската порака која треба да ја испратите до крајните корисници односно потрошувачи. Познавањата за демографијата на целната група, нивните преференции, животни навики, секојдневно однесување, стил на живот и слично лежат во основата на секој еден комуникациски трансфер, секоја размена на информации, но што е уште поважно на ускладувањето на потребите, желбите и целите на потрошувачите од една страна и целите на компанијата од друга страна.
Денес, кога на располагање ни се премногу ресурси за работа, учење и проучување, експретите за односи со јавност би требало во голема мера да се служат со психологијата во својата работа. Проучувањето не само на специфичната таргет група, туку и на целокупната јавност овозможува развој на поефективен план, развој на подобра идеја, и секако успешна комуникација. Луѓето генерално гледано поддржуваат нешто или не поддржуваат, купуваат нешто или не купуваат врз основа на тоа како нивниот избор ќе влијае на нивните чувства.
Психологијата е дел од ПР-от уште од самите негови почетоци. Таткото, пионерот на ПР-от Едвард Бернејс, во својата теорија која датира уште од 1947 година, зборува за градењето емоционална врска со јавноста, тој вели дека станува збор за „уметност во манипулацијата на луѓето“. Тој сметал дека е можно да се манипулира со потребите и одлуките на луѓето, на тој начин што промотивните кампањи ќе влијаат на нивните потсвесни желби и емоции. И самиот го применувал тоа во својата работа.
Доброто познавање на луѓето е неопходно за секоја работа: како да стапите во контакт со нив, како да ги разберете, како да ги разубедите или убедите, како да преговарате, како да „ги погодите“ таму каде што треба, а сепак да ја реализирате стратегијата која сметате дека е добитна и ќе донесе резултати, и покрај нивното понекогаш деструктивно инволвирање во процесот…
Бев поттикната да ја напишам оваа колумна од чувството дека деловните луѓе, деловниот свет во Македонија како да имаат подзаборавено не само на деловната психологија, туку и на психологијата воопшто. Со оглед на тоа дека примената на деловната психологија доведува до ускладување на личните цели со целите на компанијата заради постигнување на обостран бенефит, сметам дека овој текст ќе биде мотив за едукативно- советодавна работа со вработените, како и за истражувања во насока на испитување на ефикасноста во работата и различните „човечки фактори“.
Психологијата го олеснува ПР-от затоа што нуди можност за изострување на веќе стекнатите вештини, ги вежба аналитичните умови, овозможува да научиме повеќе и за себе и за другиот (партнерот, клиентот, таргетот..), ги контролира нашите реакции… што впрочем е придобивка не само за ПР професионалците, туку и за секој еден професионалец во својата област. Психологијата има влијание врз нашиот успех. А пред нас е прeдизвикот како да се избориме за вниманието на јавноста и како да создадеме потреба кај јавноста за она што го нудиме.
Практикувајте ја и унапредувајте ја психологијата во себе!