Популарниот кафе-бренд Nescafe емитуваше хумористична реклама во Египет и Обединетите Арапски Емирати за време на светиот месец Рамазан, со која се обиде да го ублажи искушението со кое се соочуваат љубителите на кафе во текот на постот.
Рекламата насловена „Недофатливата шолја кафе“ почнува со канцелариска сцена во која сите работници вредно работат на своите компјутери. Но, тогаш, еден од работниците со поголема имагинација се одлучува да го повтори својот утрински ритуал на припремање кафе, но без вистинско кафе.
Неговиот колега од соседното биро го следи неговото однесување и решава да се приклучи на играта и да побара една голтка од невидливото кафе. Тогаш настанува расправија помеѓу двајцата колеги, а при целата возбуда, оној првиот се „потура“ со „врелото кафе“.
Тогаш доаѓа шефот на канцеларијата и почнува да ги кара двајцата вработени: „Што се овие глупости?“. Но, во неочекуван пресврт на настаните, и шефот се приклучува на играта, обраќајќи му се на оној кој ја почна целата работа: „Колку пати сум ти кажал да користиш подметач!“ – и сите тројца паѓаат од смеење. :)
Рекламата е создадена со помош на агенциите McCann и FP7.