Американско-канадската компанија за дигитални медиуми Vice Media потврди дека поднела барање за стечај и наскоро би можела да биде продадена на конзорциум за далеку под нејзината максимална вредност.
Ваквото соопштение го наговестува можното пропаѓање на уште една популарна веб-страница за вести на американскиот онлајн пазар, по минатомесечниот стечај што го прогласи Buzzfeed News.
Во 2017 година, компанијата Vice Media беше проценета на неверојатни 5,7 милијарди американски долари, што претставува огромен контраст во однос на моменталното вреднување на околу 255 милиони американски долари по кои компанијата се чини дека ќе биде продадена.
Повеќето проблеми на Vice Media произлегле како резултат на неколкуте неуспешни обиди за проширување во сферата на телевизија, и тоа во време кога се забележуваат значителни промени во медиумскиот пејсаж и во потрошувачките навики на публиката во однос на медиските содржини кои им се достапни.
Коизвршните директори на Vice Media, Брус Диксон и Хозефа Локхандвала, посочуваат во соопштението дека со забрзување на процесот на продажба во следните „два до три месеци“, компанијата ќе може да започне „здраво и успешно ново поглавје“.
Компанијата истакнува дека во моментов ќе продолжи да ги плаќа своите преостанати вработени во текот на целиот процес и дека ќе се потруди ги задржи позициите на своето највисоко раководство.
Останува да видиме во која форма компанијата ќе продолжи да работи по нејзината купопродажба, кои ќе бидат новите развојни насоки и какви медиски продукти ќе продуцира и пласира пред публиката.