Пишува: Борис Ефтимовски
–
Позицијата министер е една од најекспонираните во јавноста. Во Македонија нивната популарност се мери рамо до рамо со ѕвездите од полето на популарната култура и спортот, а вниманието кое го добиваат од медиумите поради некоја нивна изјава или некој настан е честопати и поголемо.
Веројатно ова е очекувано во држава каде политиката е сеприсутна во сите сфери на општественото живеење, некогаш и пренагласено влијателна во секојдневието, па токму затоа министрите и нивните ПР тимови треба особено да внимаваат како комуницираат.
Сум имал можност да соработувам со повеќе врвни домашни и меѓународни компании, но и успешни поединци меѓу кои и неколку политичари. Дел од знаењето научено главно преку искуство, применливо за сите, ќе го споделам подолу. Се разбира секоја комуникација треба да се прилагоди согласно контекстот, имиџот кој сака да се гради и низа други подробности. Но, ако треба да споделам неколку совети околу најважните насоки што новата гарнитура министри треба да ги има на ум кога станува збор за нивниот пристап кон комуникациите и односите со јавноста, тоа би биле следниве.
Ако треба да кажам само една работа, тоа е ДА ИМААТ ЈАСЕН СТАВ. Ако пораката е јасна и транспарентна, тогаш сè понатаму е полесно. Полесно ќе се пренесе и полесно ќе се разбере правилно. Најлошо е ако се обидуваат да играат „ни риба – ни девојка“.
Тоа не е „политички“ – како што некои сакаат да се тешат, туку тоа е демонстрација на несигурност во своите ставови. Ако времето покажало дека погрешиле, фер е исто така јасно да се извинат и тоа транспарентно да го кажат. Таа комуникација е многу поквалитетна отколку несреќниот став да се биде нејасен, прикриен или повеќестран.
Притоа, ставот не се искажува само преку вербални пораки, туку исто така и преку однесување, гестикулации и воопшто однос спрема околината. Неопределеноста создава перцепција на уплашеност, а уплашени политичари никако не можат да бидат лидери и да поттикнуваат општествени промени.
Суштинско обележје на добрите државници е исто така и способноста за свесна промена на мислењето, доколку тоа го налагаат фактите. Нема ништо срамно во тоа, туку напротив – покажува зрелост. Понекогаш треба да се прифати и друго мислење, па макар тоа било и од некаков привиден политички „противник“, доколку тоа мислење е навистина издржано. Во општество кое се стреми да биде демократско, тоа е неопходно. Инаетот нема да не одведе никаде, барем не на некое добро место.
Сите носители на јавни функции, особено министрите треба да запомнат дека и тие сега се „државни службеници“ – први во редот помеѓу другите во зградата – тие се во служба на државата и граѓаните на таа држава. Атмосферата на полтронство која за жал е присутна во државните институции многу лесно создава еден „балон“ околу функционерот. Во такви услови, тој станува комотен и лесно може да влезе, како што колоквијално се вели, во „филм“. Затоа е непходно да се опкружи со луѓе кои секој ден ќе го потсетуваат дека тој е таму „во функција на граѓанинот“ и дека „кафето што наутро го пие е платено од граѓаните“.
Поединците кои се самосвесни и одговорни ова сосем добро го знаат и не дозволуваат тој „балон“ на комодитет да ги надвладее, а oние кои сакаат да се „ѕвезди“ – со душа чекаат „филмот“ да почне. :)
Една многу важна напомена: воопшто не треба за секоја нивна активност да објавуваат на социјалните мрежи или не дај Боже да испраќаат соопштенија за јавноста. Мора да има филтер на значајни работи и секојдневни протоколарни активности.
Сеприсутноста, по сите канали и секој ден, единствено се квалификува како агресивна (и не тактичка) пропаганда, а никако како „добар ПР“. Еден добар метод на селекција дали нешто заслужува поагилно да се комуницира или не, е на пример и оној каде ќе се запрашаме – “Кој е бенефитот за граѓанинот од оваа активност и што е конкретниот резултат од неа?” Ако се има доволно издржан одговор на тоа прашање, тогаш тоа е активност која треба агилно да се комуницира по сите канали.
Многу од политичарите воопшто, не само министрите, се доволно искусни да го препознаат „развојот“ на јавниот дискурс и да „влетаат“ во медиумите со некаков став поради кој ќе бидат (најчесто краткорочно) актуелни. За жал, само малкумина од нив знаат ДА КРЕИРААТ јавен дискурс кој СУШТИНСКИ ќе влијае на промени или ќе создаде АТМОСФЕРА тие промени систематски да се случат.
Се разбира, во неколку институции постојат искусни „менаџери со информации“ и ПР професионалци. Тие мора да бидат одважни и на министрите да им го кажуваат тоа што тие инаку и не би сакале да го слушнат. Односно, да им кажат кога грешат, да им кажат кога треба да се вклучат во некоја дебата и многу поважно, кога треба да престанат да зборуваат.
Сосем е јасно дека од министрите никој не очекува да бидат сезнајковци или да имаат став или одговор на секое прашање. Никој не очекува чуда преку ноќ, но сите очекуваат да бидат одговорни и сериозни. Отворете ги вратите за нови луѓе и нови идеи. Не смеете да се плашите да побарате помош, бидејќи знаеме дека вие не сте семоќни „рок звезди“.
И за крај, најважното од сè: Секогаш треба да се кажува вистината, зошто само така можеме искрено да напредуваме.
Нашата работа (на ПР професионалците) е навистина многу важна, важно е што и како ќе се каже и како тоа ќе се „дистрибуира“ до јавноста – но, уште поважна е суштината на вашите одлуки, суштината на тоа што ќе го направите или нема да го направите.