Холивудските актери Хју Џекман и Рајан Рејнолдс во јавноста се познати како долгогодишни ривали, а сега тие повторно се „судрија“ во новата реклама за кафе-брендот Laughing Man, основан од страна на Џекман.
Рекламата ги прикажува нервозните и раздразливи утра на Џекман, проследени со нарација и саркастични коментари од Рејнолдс. Кога се вклучува алармот на Џекман и тој го крши од ѕид, а потоа преку прозорецот им се развикува на деца кои си играат надвор, Рејнолдс коментира: „Ова е Хју Џекман. Познат хуманитарец. Амбасадор на добрата волја.“
Кога Џекман го запоставува своето куче и не го носи на прошетка и наместо тоа се посветува на слушање гневна метал музика, Рејнолдс додава: „Вечен оптимист“.
Но, расположението на Џекман се менува потполно откако тој ќе се напие шоља Laughing Man кафе, на што Рејнолдс посочува дека тоа е 100% одговорно за оној Хју Џекман кој сите го знаеме и сакаме. Всушност, како што се истакнува во рекламата, Џекман донира 100% од својот профит од Laughing Man за фармерите на кафе кои партиципираат во правична трговија.